За време на празничната прослава на Коледе, кога музичкиот бенд „Ендопика“ се обидел да изведе македонска народна песна, но настапот бил прекинат по интервенција на градоначалникот Василеос Гианакис.
За ваквиот инцидент сведочат голем број на граѓани, кои биле присутни на настанот на кој биле изведувани повеќе традиционални и современи музички композиции. Меѓутоа, кога бендот започнал со изведба на македонската народна песна „Софка на татко“, градоначалникот реагирал и побарал изведбата веднаш да биде прекината. На музичарите им било укажано да не продолжуваат со пеење на македонски јазик, туку доколку сакаат да ја изведат композицијата, тоа да го сторат исклучиво во инструментална форма.
Според активистот и член на партијата „Виножито“, Павле Васкопулос, овој инцидент не претставува изолиран случај. Во изјава за Телевизија 24, тој истакна дека Македонците во Леринско, Костурско и Воденско подолг временски период се соочуваат со различни форми на институционален и општествен притисок од страна на грчките власти.
„Станува збор за настан на Општина Лерин (Флорина), по повод познатиот ден на Огновите – 23 декември, како своевидни предпразнични свечености, во празнична атмосфера. Обичајот на Огновите на овој датум е карактеристичен и традиционален за македонските села. Оркестарот ‘Ендопика’ се осмели да изведе македонски песни. Со директна интервенција на градоначалникот беше забрането да се изведе било каква песна на ‘непостоечкиот’ (според умот на ‘Зулу’-властите) јазик. Со оваа забрана градоначалникот си постигна автогол. Дел од присутните јавно го исвиркаа поради одлуката“, вели Васкопулос.
Тој дополнува дека ваквите случаи на притисоци и дискриминација не се новина, а дека Македонците кои јавно говореле за своите права честопати биле етикетирани како „скопски агенти“.
„Сограѓанка од јужна Грција се осмели да запее македонска песна во Лерин – и тоа ѝ беше забрането. Добро е што не ја нарекоа ‘скопски агент’, бидејќи Македонците со години трпат ваква клевета“, вели Васкопулос.
Телевизија 24 пишува дека побарале став и од официјалните претставници на Општина Лерин. До моментот на објавување на овој прилог, од надлежните институции не беше добиен одговор со кој би се потврдиле или демантирале изнесените наводи.