Вториот меѓународен саем за вино, храна и туризам „Винска визија на Отворен Балкан“, кој се одржа под покровителство на Владата на Република Србија, Северна Македонија и Албанија, беше затворен синоќа со церемонијата на доделување на наградите на фестивалот „Food Vision“ на најдобрите готвачи од страна на министерката за земјоделство, шумарство и водостопанство Јелена Танасковиќ.
Беа избрани и победници во неколку категории, а специјалните награди им припаднаа на ресторанот „Концепт“ од Северна Македонија за презентација на националната гастрономија, како и на „Food Lab Atelje“ од Република Албанија за гастрономската визија на Отворен Балкан.
Програмата на фестивалот „Food Vision“ вклучуваше натпреварувачка програма на професионални готвачи (млади готвачи и млади кулинарски тимови на возраст до 25 години, тимови од хотели и ресторани и индивидуални натпреварувачи во сениорска категорија) и изложбена поставка на земјите учеснички и изложба на комерцијални излагачи, со акцент на прехранбената индустрија, професионалната опрема и услуги во угостителскиот сектор.
Премиерката Ана Брнабиќ ги додели трофејните награди за најдобри вина на саемот, меѓу кои беа и наградите за македонските винарии „Камник“ и „Тиквеш“.
Саемот Винска Визија на Отворен Балкан собра околу 600 изложувачи од 24 земји од светот, половината од изложувачите беа од земјите на Отворен Балкан, од кои 260 од Србија, 74 од Северна Македонија и 21 од Албанија.
Саемот го отворија претседателот Александар Вучиќ, црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ, премиерот Димитар Ковачевски и премеирот на Албанија Еди Рама (преку видео врска).
Саемот важи за четврти по големина во Европа. (МИА)