Точно во 19.00 часот заврши гласањето во првиот изборен круг од Претседателските избори 2024 во Северна Македонија.
На овие избори за претседател на државата по седми пат се избира шестиот претседател или претседателка на Северна Македонија.
Излезеноста на претседателските избори до 18 часот изнесува 47,61отсто, соопшти Државната изборна комисија.
До 18 часот до ДИК пристигнати се податоци за излезеност на гласачите од 1200 избирачки места. Од вкупно запишани 612.850 гласачи на овие избирачки места, гласале 291 777.
Според податоците за излезеност кои што се пристигнати досега, најголема излезенот е забележана во Новаци со 71,07% додека најмала е излезеноста во Шуто Оризари, 22,06%. Гласањето досега се одвива мирно на сите избирачки места.
До ДИК досега се доставени вкупно 345 приговори за заштита на личното избирачко право. Од нив 98 приговори се усвоени и на избирачите им е овозможено да го остварат своето право на глас, 36 приговори се отфрлени како неуредни а 46 приговори се одбиени. Останатите приговори се во обработка, соопшти ДИК.
Првичните резултати од гласањето ќе бидат познати неколку часа по затворањето на избирачките места.
Двајцата кандидати со најмногу освоени гласови продолжуваат во вториот круг на претседателските избори кој ќе се одржи за две недели, односно во случајов, на осми мај, ден кога ќе се одржат и парламентарни избори.