Заврши второто издание на играта „НАВИГАТОР 2.0“- денес ќе се доделат наградите

Со свечен настан во Europe House Скопје, денеска ќе бидат доделени наградите за учесниците во онлајн едукативната игра за човекови права „НАВИГАТОР 2.0“, со што ќе се заокружи овогодинешното издание на проектот, како и одбележувањето на Денот на човековите права и кампањата „16 дена активизам против родово базирано насилство“.

Настанот ќе ги обедини добитниците на наградите, претставници на амбасадите на земјите членки на Европската Унија, како и партнерските организации и институции кои учествуваа во реализацијата на „НАВИГАТОР 2.0“.

Присутните ќе имаат можност да се запознаат со резултатите од играта, како и со нејзиното влијание врз подигнувањето на свеста кај младите за човековите права, преку иновативен, интерактивен и едукативен пристап. Проектот се покажа како ефикасен алат за приближување на комплексни теми како што се еднаквоста, недискриминацијата и борбата против родово базираното насилство до младата публика, користејќи дигитални формати што им се блиски.

Воедно, настанот ќе послужи и како можност за медиумско покривање на еден од најиновативните формати во областа на човековите права, насочен кон младите, кој успешно ги поврзува образованието, дигиталните технологии и општествениот ангажман.

Со „НАВИГАТОР 2.0“, организаторите уште еднаш испраќаат порака дека едукацијата за човековите права може и треба да биде достапна, разбирлива и интерактивна, особено кога станува збор за новите генерации.

Зачлени се на нашиот е-билтен