Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, порача дека „Украинците нема да им ја предадат својата земја на окупаторите“, откако претседателoт Доналд Трамп најави средба со рускиот претседател Владимир Путин следната недела и рече дека крајот на војната ќе вклучува „размена на територии“.
Зеленски изјави дека Киев е подготвен за реални решенија кои можат да донесат мир, но потенцираше дека секое решение без Украина е против мирот и нема да даде резултати. „Војната не може да заврши без нас, без Украина“, нагласи тој.
Трамп најави дека ќе се сретне со Путин следниот петок во Аљаска, што беше потврдено и од руската државна новинска агенција ТАСС. Американскиот претседател истакна дека ќе има „размена на територии за доброто на двете земји“, но не даде повеќе детали.
Според извештај на Блумберг, се преговара за договор кој би го замрзнал фронтот во регионот Херсон и Запорожје, при што Русија би го задржала дел од териториите што ги зазеде, додека Украина би задржала контролата над други делови. Ова предизвикува големи тензии во Киев.
Полскиот премиер Доналд Туск, кој се сретна со Зеленски, рече дека „замрзнување“ на конфликтот може да е поблиску одошто се мислеше и дека Украина очекува Европската унија да игра важна улога во планирањето на прекинот на огнот и мирот.
И покрај најавите за средба помеѓу Трамп и Путин, Кремљ одби предлог за трилатерални разговори со Украина, оставајќи ја Украина во исклучително тешка позиција.
Путин изјави дека не е подготвен за средба со Зеленски додека не се создадат „соодветни услови“, додека Трамп се уште тврдеше дека може да постигне договор брзо, и покрај продолжувањето на ракетните напади врз украински градови.
Средбата Трамп–Путин ќе биде прва од ваков вид по 2021 година, кога тогашниот претседател Џо Бајден се сретна со Путин во Женева.