На 12 декември напладне, земјоделци и сточари од северна Грција ги блокираа влезовите во пристаништето во Солун и центарот на тој град.
Тие протестираат барајќи подобра економска позиција и поголема помош од државата и Европската Унија (ЕУ).
Како што објави атинската телевизија Скај, силни полициски сили се на улиците на Солун, кои беа блокирани од земјоделци со трактори што носеа ковчези, со што демонстрантите сакаат да ја илустрираат состојбата на земјоделството во Грција.
Земјоделците од далечните грчки региони пристигнаа во Солун со автомобили и изнајмени автобуси. Меѓу нив има групи земјоделци кои ги блокираат царинските испостави на граничните премини. Поддршка на земјоделците им даваат студенти и синдикати.
Грчките земјоделци протестираат од 30 ноември, тврдејќи дека не им се исплатени 600 милиони евра помош од Европската Унија и други ветени бенефиции.
Во изминатиот период, тие блокираа бројни патишта во Грција, кон Атина, Солун, Лариса.
Како форма на протест, тие организираа и блокада на граничниот премин Евзони со Северна Македонија, еден од најголемите на грчките граници, граничните премини кон Бугарија и Турција, како и пристаништето на островот Лезбос.
Пред четири дена, грчките земјоделци ги блокираа аеродромите на островот Крит, го запреа сообраќајот на патиштата и граничните премини и фрлаа камења кон полицијата во знак на протест поради доцнењето во исплатата на средствата од фондовите на ЕУ.
Полицијата на Крит употреби солзавец, на што земјоделците што протестираа одговорија со камења и ја нападнаа пистата на аеродромот во Хераклион, запирајќи го сообраќајот. Потоа демонстрантите во конфликт со органите на редот превртеа и демолираа полициско возило.
Земјоделците бараат технократите да бидат отстранети од управувањето со земјоделските прашања и нивните претставници да бидат застапени во сите процеси што ги засегаат земјоделците.
Европското јавно обвинителство (ЕЈО) претходно објави дека годинава пронашло докази дека грчките земјоделци проневериле средства од ЕУ со помош на државни службеници.
Грчките власти започнаа истрага, а државниот парламент ја испитува работата на владината агенција која годишно дистрибуира околу 2,5 милијарди евра европска помош на стотици илјади земјоделци во Грција.
Грчката влада објави дека првата рата од субвенцијата од ЕУ е помала од минатата година и дека повеќе од 40.000 барања од земјоделци во моментов се под истрага.
Грчката влада вети дека ќе им исплати 3,7 милијарди евра на земјоделците оваа година.