Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Жолтите сандали на срамот

Катастрофата во Турција и Сирија предизвика длабоко сочуствување во земјава. Тогаш зошто некои под превезот на помош на настраданите решија орманите од старите и изветвени облеки, да ги истури на главниот скопски плоштад и да потоне во лицемерие и спрема себеси и спрема оние што изгубија сѐ

БИЛЈАНА БОГДАНОВСКА

Летна, стара, искината облека, расфрлана на плоштадот „Македонија“ во Скопје. Ова се сликите, кои ја налутија македонската јавност, откако привршува акцијата за собирање донации за настраданите од страшниот земјотрес во Турција и во Сирија.

Уште истиот ден, понеделник, кога се случи земјотресот, а илјадници луѓе го загубија животот, додека други останаа без ништо, светот се мобилизираше да испрати помош кон настраданите подрачја. Во бројни акции се собираа пари, топла облека, ќебиња, хигиенски средства, медицински материјали… Многу спасувачки тимови заминаа да прекопуваат под урнатините, да извлечат преживеани.

На централниот плоштад во Скопје, граѓаните донираа пакети и пакети облека. Вакви пунктови имаше на неколку места во Скопје. Студентите од Турција кои учат во Македонија, со свои раце ги селектираа за потоа да бидат пратени во погодените подрачја од земјотресот. Дел од нив уште немаа информации за своите семејства, таму, каде земјотресот најсилно удри. Дел од нив ги загубија своите семејства.

Тага и неверување кај секого што ќе ги погледнеше бројните фотогафии и видеа кои пристигнуваа од Караманмараш, од Газијантеп, од Адијамен…  Во такви моменти човек може е да одвои од она малку што го има и да подари на оној кој нема ништо. Се носеа донациите на плоштадот, се оставаа во широк круг и со тоа секој од нас се чувствуваше малку подобро. Дека направил нешто добро по една ваква катастрофа. Дека придонесол за малку поудобни денови на некое дете, некоја мајка, син, дедо… Повиците за донации беа детални. На списокот точно пишува што фали, што треба да се донира, каде треба да се однесе и како да биде спакувано.

Но, иако во тие повици стоеше дека топлата облека и ќебињата треба да се нови, со етикета, луѓето донираа од дома, користени облеки, обувки и ќебиња, без кои, пресметале, ќе можат да продолжат да живеат.

Неколку дена подоцна, поголемиот дел од донациите беше селектиран и спакуван. Замина за Турција и за Сирија, а на плоштадот останааа купишта расфрлана облека и обувки. Фотографиите во медиумите и на социјалните мрежи покажуваа жолти кломпи со потпетици, сандали, искината долна облека… Сликата нималку пријатна, дури и вознемирувачка и лицемерна, особено ако се знае дека тие предмети се наменети за некој што изгубил цело семејство, но и целиот дом со сѐ што некогаш користел.

Не може да не се запрашаш зошто некој би донирал летна облека и сандали, кога земјотресот се случи во февруари, кога температурите одат длабоко под нулата? Не важи тука помислата: „Ќе им се најде!“. Не важи ни оправдувањето: „Па, доаѓа пролет – нема вечно да е зима!“ Затоа што до пролет, тие што преживеаја ќе најдат сместување кај роднини, пријатели, засолништа на некое друго место, далеку од градовите погодени од земјотресот. Овие донации се собираа за да им се помогне сега. Во деновите додека на минусни температури чекаат да биде жив извлечен некој член на семејството. Па, нека се и користени, нека не се нови со етикета. Таа етикета на сомилост никој нема да ја избрише. Се запраша ли некој од тие кои ги испразнија орманите од непотребната облека како ќе му помогнат жолтите сандали на таткото кој цел ден ја држеше раката на мртвата 15-годишна ќерка?! 

Помагајќи на другите – си помагаме себеси. Тоа е точно. Но, не помагаме ако заборавените и износени облеки што со години го чуваме во подрумите, на таванот, во шкафовите и сме биле многу мрзливи да направиме ншто со нив, сега го истуриме на градскиот плоштад. Организаторите ветија дека ќе ги соберат летните и несоодветни облеки и ќе ги дадат на семејства во Македонија кои ќе можат да ги користат. Тие, со невидена смиреност и трпение, помагаат да се скрие срамот, да се претвори во нешто убаво, во нешто корисно.

Очигледно, туѓите солзи ќе ни ја исперат душата, но ќе остане горчината.

(Независен)

Зачлени се на нашиот е-билтен