Полнење на Артемис ракетите повторно се покажа како најкритичната фаза за НАСА, откако на 3 февруари 2026 година во Кенеди Спејс Центар во Флорида беше прекината „влажната генерална проба“ за мисијата Артемис II поради протекување на течен водород, што ја помести најраната можност за лансирање на 6 март.
Пробата, позната како wet dress rehearsal, треба да симулира целосно полнење со криогени горива и одбројување до момент непосредно пред поаѓање, без реално лансирање. На терен, тимовите се соочија со повеќе технички ситници, од комуникациски прекини до проблеми со дел од опремата во студени услови, но водородот повторно се наметна како „слаба алка“ што ја диктира целата динамика.
Причината е во самата природа на течниот водород. Молекулата е исклучително мала и лесно „бега“ низ микроскопски празнини, а за да остане во течна состојба мора да се одржува на екстремно ниска температура, околу -253°C. Токму тој студ ја менува геометријата и цврстината на материјалите, ги „стега“ спојките и заптивките и може да ја наруши нивната херметичност, па и минимален дефект станува видлив како опасно зголемување на концентрации на гас.
Во случајот со Артемис II, протекувањето беше лоцирано на критична спојка на системот што го поврзува ракетниот степен со инфраструктурата на лансирната рампа, каде што преку т.н. сервисен умбиликал се пренесува горивото и се одржува кондиционирање на системите. НАСА соопшти дека одбројувањето е прекинато на Т-5:15 минути, откако повторно се појавиле високи концентрации на водород и е надминат безбедносниот праг.
Компликацијата не завршува со „полнење и готово“. Суперстудениот водород по внесувањето постепено се загрева, почнува да испарува и мора континуирано да се дополнува за да се одржат потребните нивоа во резервоарите. Токму во фазата на дополнување, кога протокот и температурните градиенти се менуваат, често се случува да се појават или да се засилат протекувања, што ја прави процедурата чувствителна и на најмали отстапувања.
Парадоксот е дека водородот, и покрај сите „капризи“, има јасни предности: високата ефикасност и „чистиот“ издув, затоа што при согорување со течен кислород нуспроизводот е вода. Но изборот на ова гориво за SLS е и наследство од шатл-архитектурата. Кога Конгресот ја авторизираше програмата во 2010 година, рамката предвидуваше користење технологии и мотори од шатл-програмата, а тоа значеше RS-25 мотори кои се дизајнирани токму за течен водород и течен кислород. Истите технологии, како што покажала историјата, и тогаш знаеле да носат проблеми со заптивки и протекувања.
Сега, НАСА се обидува да ја избегне најскапата варијанта, враќање на ракетата во монтажната зграда, и планира инспекција и поправки на самата рампа, а потоа и уште една целосна проба пред да даде зелено светло за екипажот. Артемис II треба да биде првата екипажна мисија околу Месечината по 1972 година, со четири астронаути и лет што ќе трае околу десет дена, па агенцијата го третира секој сигнал за протекување како прашање на безбедносна „црвена линија“, а не како статистички дефект.