Дали кандидатите за претседател имаат план за борба против дезинформациите и странските малигни влијанија?

Пишува: МИЛА СТАМЕНОВА БУРНС

Дали кандидатите за претседател на државата имаат план за борба против странските малигни влијанија и дезинформации во земјава? Главната цел на оваа анализа е да одговори ова прашање, за конкретен проблем кој е идентификуван и во контекст на преговорите со ЕУ.

Од една страна, одговорот е содржан во програмите на претседателските кандидати кои се вклучени од оваа анализа. Од друга страна, и дел од кандидатите одговорија на прашањето на ИМА, дали го адресираат проблемот и какви мерки предвидуваат за справување со странските малигни влијанија и дезинформации во земјава.

Од анализата на програмите на претседателските кандидати може да се заклучи дека дезинформациите се експлицитно споменати само во програмите на двајца кандидати (Пендаровски и Таравари), а дека проблемот со „малигни и штетни надворешни влијанија“, „хибридните напади“, и „малигното влијание на Кремљ“ преку онлајн кампањи за дезинформации посебно се адресира од страна на кандидатите Османи и Таравари. За разлика од нив, во програмата на Ванковска доминираат анти-западни наративи и обвинувања за штетни пропагандни и идеолошки влијанија кон Западот, НАТО и ЕУ,  и негирање на пропагандното влијание на Русија и Кина.

Од анализата на програмите и одговорите на претседателските кандидати, може да се констатира дека нема доволно конкретни заложби и планови за борба против дезинформациите и странските малигни влијанија во земјава, иако станува збор за проблем што е идентификуван и во контекст на започнувањето на преговорите со ЕУ.

  1. Борбата со дезинформации како идентификуван проблем и предизвик во преговорите со ЕУ

Во однос на започнувањето на преговорите со ЕУ, борбата со дезинформациите е идентификуван проблем,[i] кој се адресира од страна на ЕК не само во скрининг процесот,[ii] туку и во годишните извештаи за напредокот на земјата.

Предупредувањето за пораст на закани од дезинформации во онлајн медиумите е содржано и во последниот извештај за прогрес на земјава, на Европската Комисија (ЕК), од октомври 2023 година.[iii] И во оценката за надворешна, безбедносна и одбранбена политика, се напоменува дека „во следната година, земјата особено треба да направи дополнителни напори за затворање на просторот за странско мешање и манипулација со информации, вклучително и дезинформации, и да преземе активности за градење општествена отпорност против нив, и против други форми на хибридни закани.“ Во извештајот е спомената и Националната стратегија и акциониот план за градење отпорност и справување со хибридни закани (2021 – 2025 која „вклучува мерки за справување со дезинформации и хибридни закани“. Сепак, ЕК констатира дека „напорите за борба против дезинформациите се ограничени“ и дека „сегашните мерки за борба против дезинформации не се многу ефикасни“.[iv]

  1. Надлежностите на претседателот на државата во битката со дезинформациите

Претседателот на државата е важен дел од мрежата институции, кои би требало да се занимаваат со безбедносните ризици предизвикани од дезинформациите и хибридните закани.

На пример, во Извештајот на ЕК се наведува дека Армијата развива капацитети за сајбер-одбрана и соработува со меѓународни организации во областа на глобалната безбедност и хибридните закани. Токму поставувањето началник на Генерал штабот во Армијата е надлежност на претседателот на државата, кој е и врховен командант на Армијата. Преку поставувањето соодветен кадар на првата армиска позиција, тој може да изврши влијание врз тоа во каков правец војската ќе продолжи да се развива за заштита од хибридните закани.

Понатаму, претседателот раководи со Советот за безбедност и именува тројца членови во Советот, тело кое се занимава со безбедносни прашања и кое може да има значајна улога во спречување на безбедносните ризици, предизвикани и од напливот на дезинформации. Претседателот именува и директор на Агенцијата за разузнавање, уште една важна институција во справувањето со дезинформации и хибридни закани.

Од другите надлежности на претседателот, во делот насловен „Одбрана и безбедност“ се набројани и носењето стратегија[v] и план за одбрана на државата.

На крајот, претседателот е активно вклучен во сите безбедносни процеси кои се во негова надлежност, настојувајќи притоа да се третираат безбедносните прашања во согласност со најновите современи безбедносни трендови.[vi]

Институтот за медиуми и аналитика ИМА, имајќи ги предвид надлежностите на претседателот, и укажувањата на повеќе меѓународни и домашни институции и организации за зголемено присуство на странски малигни влијанија и дезинформации во земјава, кои што ја загрозуваат безбедноста и ја поткопуваат довербата во демократските институции, им го постави следното прашање на седуммината кандидати за претседател на државата: „Дали во Вашата програма за претстојните Претседателски избори го адресирате овој проблем и какви мерки предвидувате за справување со странските малигни влијанија и дезинформации во земјава?“

  1. Пендаровски: Борбата против лажните вести и дезинформациите не може да се добие со репресивни средства, туку со аргументи

Во Изборната програма објавена на македонски и на албански јазик на актуелниот претседател, Стево Пендаровски, кандидат на СДСМ и Коалицијата за европска иднина, изразот „дезинформации“ се сретнува два пати. Првиот пат, дезинформациите се спомнати веднаш по феноменот на раст на радикализмот и популизмот,[vii] раст на различните теории на заговори, и „пропагандата од антидемократските центри на моќ“ (стр. 14): „Но, борбата против манипулациите, лажните вести и дезинформациите, пропагандата против демократските институции и против концептот на човековите права и слободи не може да се добие со репресивни средства ниту со потценување на стравовите и несигурноста кај голем број граѓани.“

Според Пендаровски, борбата против пропагандата и заблудите треба да се води со помош на вистината: „Оние кои свесно или несвесно ја шират пропагандата и со тоа ја поткопуваат демократијата мораме да ги победиме со аргументи со кои ќе им ги презентираме на граѓаните доказите и вистината за нашите тврдења. Само така ќе покажеме дека демократијата на нашето тло е вкоренета и дека нејзината иднина е стабилна.“[viii]

Вториот пат, изразот дезинформации во неговата програма се среќава во контекст на безбедноста, особено кај младите, во дигиталната сфера: „Прашањето на пропагандата и дезинформациите го поттикнува и прашањето за безбедноста, особено кај младите, во дигиталната сфера, но и во јавниот простор. Ова е битка која ја опфаќа младата, но и повозрасната генерација.“ (стр. 15).

Во таа насока, во првиот мандат, Пендаровски спроведувал проект за политичко образование преку Школата за политики, со конференции и дебати за важни општествени теми што ги организирал Претседателскиот центар за политичко образование, кои ќе продолжат и во вториот мандат. „Она што е новост е што во вториот мандат Пендаровски ќе иницира промена на наставните програми со цел воведување на демократското политичко образование во формалниот образовен систем односно во средните училишта. Тоа ќе придонесе кон зголемување на медиумската и политичка писменост на младите и ќе изгради идни генерации на демократи“, се вели во одговорот од тимот за комуникации на кампањата „Нашиот Претседател – Стево!“.

  1. Тимот на Сиљановска смета дека темата околу зголеменото присуство на странски малигни влијанија и дезинформации е битна за безбедноста, но ја нема во програмата

Во платформата „Македонија повторно горда“ на кандидатката за претседател предложена од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“, проф. Гордана Сиљановска – Давкова не се споменуваат експлицитно дезинформации, странски малигни влијанија или хибридни закани.

Сепак, во платформата се споменува проактивна улога на Советот за безбедност, каде што Сиљановска – Давкова ветува дека „ќе има работни тела со стручни советници за три прашања кои сакам посебно во мојот мандат да се развиваат: одбрана на интернет; жени, мир и безбедност; загадувањето како закана на националната безбедност.“[ix]

Дополнително, тимот на проф. Гордана Сиљановска – Давкова испрати одговор на прашањето на ИМА, во кој оценува дека темата околу зголеменото присуство на странски малигни влијанија и дезинформации во земјава е многу битна за безбедноста: „Цениме дека темата околу зголеменото присуство на странски малигни влијанија и дезинформации во земјава е многу битна за безбедноста на државата и како што правилно велите се закана за поткопување на довербата во демократските институции.“

Иако имаше најава дека би можеле да добиеме и поконкретен одговор на нашето прашање,[x] до завршувањето на оваа анализа, до ИМА не пристигна поконкретен одговор од проф. Сиљановска – Давкова или нејзиниот тим.

  1. Во програмата на Стевчо Јакимовски не се споменуваат дезинформациите или странските влијанија

Во изборната програма „Храбро за Македонија“, на кандидатот за Претседател од ГРОМ Стевчо Јакимовски, нема никакво споменување на дезинформации, хибридни закани или странски малигни влијанија.

Од тимот на кандидатот на коалицијата „Гром“, Стевчо Јакимовски одговорија кратко на конкретното прашање на ИМА: „Тоа е работа на Агенцијата за национална безбедност и на Агенцијата за разузнавање.“

  1. Османи вели НЕ на Русија и нејзиното влијание во регионот, предлага зголемување на отпорноста на земјата од малигни и штетни надворешни влијанија

Во програмата на Бујар Османи, кандидат на ДУИ и „Фронт за Европа“, насловена „Декалог на европскиот Претседател“, а објавена на македонски, на албански и на турски јазик, не се спомнува експлицитно изразот „дезинформации“, но се зборува за „малигни и штетни надворешни влијанија“, за „хибридното влијание“, и за „хибридни напади“.

Османи експлицитно го адресира „руското влијание“,[xi] укажувајќи дека „хибридното влијание кое и сега се чувствува, само ќе се засилува соодветно на руските интереси за дестабилизација на регионот“. Токму затоа, според Османи, „прва и најважна улога која идниот Претседател на државата треба да ја има е да го задржи евроатлантскиот курс на земјата, и да ѝ КАЖЕ НЕ на Русија и нејзиното влијание во регионот зголемувајќи ја отпорноста на земјата од малигни и штетни надворешни влијанија.“

Во својата програма, Османи ветува „целосен ветинг на политичкиот и правосудниот систем“, а прв клучен параметар на ветингот е „Афилијација со Русија, како клучна безбедносна закана за земјата која директно ја поткопува системската стабилност на земјата“.

Во врска со Армијата на Република Северна Македонија, Османи во својата програма се заветува дека ќе се залага за „техничка и тактичка подготвеност на армијата за справување со безбедносната закана на регионот од експанзионистичката политика на Руската Федерација“ како и за „подготвеност за спротивставување на сите хибридни напади“.[xii]

  1. Ванковска: Медиумите главно форсираат нешто налик на приказна од вестерн филм во која „западот“ шири само добри влијанија, а „истокот“ – малигни

Во изборната програма „Го враќаме достоинството на нацијата“, на кандидатката за претседател од партијата „Левица“ Билјана Ванковска, експлицитно не се споменуваат дезинформациите и странските малигни влијанија. Се споменува само „јакнење на кибер-безбедноста“ како клучен чекор во областа на национална безбедност.[xiii]

Сепак, во одговор на прашањето од ИМА, Ванковска укажува дека се „детектираат исклучиво малигни влијанија од „исток““,[xiv] и дека „Медиумите главно форсираат нешто налик на приказна од вестерн филм во која „западот“ шири само добри влијанија, а „истокот“ – малигни (дури и зборот малигно е индикативен сам по себе).“

И во својата програма, која содржи анти-западни наративи (главно анти-НАТО[xv] и анти-ЕУ[xvi]) со повеќе непоткрепени тврдења, и во својот одговор до ИМА, Ванковска го обвинува Западот дека ја предизвикал војната во Украина[xvii] и дека „светот го турка во трета светска војна“. Притоа, Ванковска го негира пропагандното влијание на Русија и Кина и вели дека тие се „лоши или поточно невешти во оваа дисциплина што немаат шанси да стасаат до македонскиот граѓанин за да му го „исперат мозокот““,[xviii] а тврди дека штетни влијанија имаме од Западот.[xix]

  1. Таравари смета дека операциите на руско влијание имаат за цел да создадат поделби во општеството и да ја намалат довербата во институциите

Во „Обединувачката програма“ на кандидатот на ВЛЕН, Арбен Таравари (објавена на македонски и на албански јазик), тој експлицитно укажува на проблемот на дезинформации и малигни влијанија во контекст на преговорите со ЕУ: „…блокирањето на процесот на интеграција на земјата во ЕУ предизвика зголемување на евроскептицизмот кај дел од нашите сограѓани и ширење антиевропски наративи, кои во голема мера се хранат од малигното влијание на Кремљ, преку онлајн кампањи за дезинформација и проруските пропагандисти во Северна Македонија“. Во програмата се наведува дека „се додека Русија продолжува со својата воена агресија во Украина, и со дестабилизацијата на Западен Балкан, ние нема да соработуваме со Русија“.

Дополнително, во програмата на Таравари се акцентира проблемот на сајбер безбедноста,[xx] и се предлагаат конкретни мерки, [xxi], како спроведување „кампања за подигање на јавната свест за едукација на граѓаните за најдобрите практики за сајбер безбедноста, меѓу другото со доделување претседателска награда за млади луѓе кои ја промовираат сајбер безбедноста во земјата. “[xxii]

Таравари го адресира и проблемот на поларизацијата во општеството, „растот на евроскептицизмот, зајакнувањето на екстремистичките наративи и поткопувањето на либералната и консензуалната демократија“, експлицитно укажувајќи во овој контекст на операциите на руско малигно влијание: „Несомнено, операциите на руско влијание кои имаат за цел да создадат поделби во нашето општество и да ја намалат довербата во државните институции, се одговорни за ваквата состојба. Медиумите под контрола на Кремљ, граѓанските организации и политичарите поврзани со руските интереси, придонесоа за ова малигно влијание чија цел е поткопување на интеграцијата на Северна Македонија во евроатлантските структури.“ (стр. 14)

Токму затоа, Таравари експлицитно се обврзува на борба против проруските дезинформации: „Во соработка со граѓанските организации и медиумите, ќе преземам претседателска иницијатива за борба за слободата на медиумите и особено против проруските дезинформации. Руските медиуми и оние финансирани од Русија ќе бидат затворени, секогаш внимавајќи за почитувањето на правото на слобода на изразување и информирање.“

  1. Димитриевски: Најдобар начин за справување со дезинформации и лажни вести е државните органи и институциите да работат чесно, одговорно и транспарентно

Во програмата „Манифест за Македонија“,[xxiii] кандидатот на партијата Движење ЗНАМ, Максим Димитриевски ветува дека „Во време на зајакнати хибридни закани и предизвици во глобални рамки“ ќе ја јакне „улогата на Агенцијата за разузнавање во заштитата на националната безбедност на државата“.[xxiv]

Во одговорот на прашањето од ИМА, Димитриевски вели: „Најдобар начин да се справите со сите дезинформации и лажни вести е државните органи, институциите да работат, чесно, одговорно и транспарентно, почитувајќи ги законите. Сметам дека доколку институциите задолжени за безбедноста и сигурноста на државата ја вршат својата работа доследно и професионално, било каква закана, од било која страна, може да се пресретне и превенира.“+

Според Димитриевски, многу често лажните вести се продуцираат за остварување на политички поени. „Многу често тие лажни вести се и во функција на обезбедување и задоволување на целите и потребите на одредени структури и политичко-бизнис спреги“, посочува тој. „Сметам дека доколку се обезбеди професионалност и доколку приоритет во работата на органите на безбедноста и одбраната, се интересите на државата, а не слугувањето на политичките партии и разните структури и спреги, тогаш и влијанието на тие лажни вести ќе биде минорно или ќе го нема“, се вели во одговорот на Димитриевски до ИМА.

Заклучоци на анализата

Анализата на програмите на претседателските кандидати покажува дека дезинформациите експлицитно се препознаваат и се адресираат како проблем само од двајца кандидати – Пендаровски и Таравари, а  во одговор на прашањето на ИМА, и тимот на Сиљановска оцени дека темата околу зголеменото присуство на странски малигни влијанија и дезинформации во земјава е многу битна за безбедноста, иако тоа не е споменато во програмата.

Иако не спомнува дезинформации, и Османи во својата програма го адресира проблемот со „малигни и штетни надворешни влијанија“, „хрибридното влијание“, и „хибридните напади“, а Димитриевски во програмата зборува за „хибридните закани“. Јакимовски воопшто не ги третира овие прашања во неговата програма, исто како и Ванковска, во чија програма се споменува само „јакнење на кибер-безбедноста“ како клучен чекор во областа на национална безбедност.

И Османи и Таравари во своите програми експлицитно ја идентификуваат Русија како извор на штетни влијанија во нашата земја – Османи експлицитно ги адресира „руското влијание“ и „руските интереси за дестабилизација на регионот“, а Таравари го адресира „малигното влијание на Кремљ“ преку онлајн кампањи за дезинформации. Спротивен став од нив има Ванковска, која го критикува влијанието на Западот.

Сепак, во изборните програми не се забележуваат доволно конкретни заложби, планови и мерки за борба против дезинформациите, хибридните напади и странските малигни влијанија.

Кај Пендаровски е истакнато продолжување на планот и проектот за медиумската и политичка образование на младите, како и иницијатива за воведување на демократското политичко образование во средните училишта. Османи се заветува дека ќе се залага за подобрување на условите, стандардите и подготвеноста на Армијата за справување со безбедносната закана од Руската Федерација и сите хибридни напади. Таравари се залага дека во соработка со граѓанските организации и медиумите, ќе преземе иницијатива за борба за слободата на медиумите и особено против проруските дезинформации, како и затворање на руски и руско-финансирани медиуми. Димитриевски пак, во време на зајакнати хибридни закани, ветува дека ќе ја јакне улогата на Агенцијата за разузнавање во заштитата на националната безбедност на државата.

Референци:

[i] Видете ПОЛИТИЧКИ СОСТАНОК НА МЕЃУВЛАДИНАТА КОНФЕРЕНЦИЈА ЗА ПРИСТАПУВАЊЕТО НА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА ВО ЕВРОПСКАТА УНИЈА ЗАЕДНИЧКИ СТАВ НА ЕУ, каде што проблемот со дезинформациите се актуелизира во контекст на борбата против руската кампања со дезинформации и очекувањето на ЕУ Северна Македонија да го адресира проблемот со дезинформации, „во согласност со својот проевропски стратешки избор.“

[ii] Видете Screening report North Macedonia, 20.07.2023: „It is important to address disinformation during election campaigns. Online media is not governed by a specific law, and there are differing views on the need for regulation, especially in view of the growing threats from disinformation“ (p. 9) и „The country needs to align its legislation with the EU acquis, in view of the growing threats from disinformation, especially stemming from online media and social media. Campaigns are needed to boost the understanding of both stakeholders and the general public and to increase their resilience in the face of disinformation (pp. 56-57).

[iii] „Онлајн медиумите не се регулирани со некој конкретен закон. Има промена на пазарот за рекламирање кон дигиталните, со пораст на закани од дезинформации, прекршување на интелектуалните права и недостаток на транспарентност во однос на платеното политичко рекламирање. Одредени онлајн медиуми се предмет на влијание од политички фигури.“ – стои во Извештајот на Европската Комисија.

[iv] Извештај 2023 за напредок на Северна Македонија на Европската Комисија, 8 ноември, 2024 година.

[v] Иако во постојната Стратегија од 2020 не се адресираат дезинформациите како проблем, во истата се спомнуваат „сајбер и хибридни закани“ / хибридни и сајбер загрозувања: „Од искуството во изминативе две децении, најреална е индиректната закана. Најзначаните ризици со кои се соочувааме доаѓаат од асиметричните, хибридните, сајбер и други загрозувања од невоена природа, вклучувајќи ги и оние од недржавни актери…“

[vi] Интернет-страница на Претседателот на Република Северна Македонија, НадлежностиОдбрана и Безбедност, пристапено на 17 март, 2024

[vii] „Во првиот мандат предупредив дека се соочуваме со раст на радикализмот и популизмот. Популизмот и силната политичка поларизација не се единствено македонски феномен. Насекаде во светот, дури и во развиените и етаблираните демократии во западните општества, гледаме раст на расизмот, ксенофобијата, опаѓање на довербата во демократските институции, недоверба кон професионалните медиуми наспроти раст на различните „теории“ за постоење на заговори. Овој тренд е особено присутен меѓу младите кај кои разочарувањето во функционирањето на демократските институции има загрижувачки размери.“

[viii] Интернет-страница на кампањата „Нашиот Претседател – Стево“, пристапено на 10 март, 2024 година

[ix] Платформа „Македонија повторно горда“, 4 март, 2024

[x] „Проф. Гордана Сиљановска- Давкова својата програма за претстојните Претседателски избори ќе ја обелодени наскоро. Нејзините генерални ставови во врска со оваа тема како и за потребата од функционирање на институциите, владеење на правото и системот на спреги и кочници и во безбедносниот систем на РМ се познати. Доколку најде време проф. Гордана Сиљановска – Давкова ќе ви одговори и поконкретно на вашите специфични прашања од истражувањето.“

[xi] Имено, во првиот темел на програмата насловен „Компас на геостратешката ориентација на земјата“ Османи оценува дека „Република Северна Македонија е под силна закана на т.н. алтернативни центрите на моќ, предводени но не ограничени на руското влијание, чии интереси не се совпаѓаат со стратешките интереси на земјава. Руската федерација, покрај противењето на интеграцијата на земјите од Западниот Балкан во НАТО, веќе и официјално ги поставува и проширувањето на Европската Унија во нашиот регион, како закана за националните интереси на Русија, а усогласувајќи се со демократските земји во отворената поддршка кон Украина и против руската агресија, Северна Македонија и официјално стана дел од списокот на Кремљ како непријателска земја.

[xii] Декалог на Европскиот Претседател, Бујар Османи, Искуство, Чесност, Посветеност!, Фронт за Европа, Април, 2024 година.

[xiii] „Го враќаме достоинството на нацијата“ Изборна програма, Билјана Ванковска, Левица, април, 2024 година.

[xiv] „Живееме во глобален свет во кој стариот меѓународен систем се распаѓа, а новиот се’ уште не е конституиран. Најлошо од се’ е што се создава атмосфера на нова студена војна, во која владее автократскиот принцип „ако не си со нас, мора да си против нас“. Мекартизам од најнов и најлош вид. Меѓународните и домашните институции на кои се повикувате во прашањето бараат подлабока анализа, бидејќи првичниот впечаток е дека никнуваат разни НВО и тинк-тенкови кои детектираат исклучиво малигни влијанија од „исток“, а се финансирани од западните центри на моќ. На тој начин, македонската јавност е заложник на неслобода на мислата, канселирање, стигматизирање на сите што мислат поинаку“.

[xv] „Членството во НАТО не носи безбедност, особено сега кога Алијансата го турка светот кон работ на Трета светска војна или нуклеарен судир. Македонија е на линија на фронтот, како што кажа еден американски државен секретар. Затоа ова е критичен момент од нашата историја: ќе ја избереме геополитиката на војната или геополитиката на мирот? Сакаме ли нашите деца да бидат топовско месо за туѓи империјалистички војни? Тезата дека членството во НАТО создава безбедносен чадор и носи мир и економски прогрес падна во вода. Тоа не само што не ја зголемува нашата безбедност туку ја загрозува.“

[xvi] „ Тука првенствено значење има т.н. француски предлог, односно преговарачката рамка која државата ја става не само во подредена туку и во понижена позиција. Под такви услови, нашиот пат кон полноправно членство е пат на самопоништување.“

[xvii] „По налог на нивните господари во Брисел и во Вашингтон, тие мижат пред милитантниот империјализам кој ја предизвика војната во Украина, во која веќе загинаа преку половина милион луѓе“ (стр. 6). „Членството во НАТО не носи безбедност, особено сега кога Алијансата го турка светот кон работ на Трета светска војна или нуклеарен судир“. (стр. 12)

[xviii] „Ако зборуваме за Русија, па и Кина, тие се толку лоши или поточно невешти во оваа дисциплина што немаат шанси да стасаат до македонскиот граѓанин за да му го „исперат мозокот“. Моето кредо е дека Вистината не познава страни на светот, а Џефри Сакс е моментално мојот херој кој стамено зборува за мир и соработка, критикувајќи ја прво својата држава (САД), а потоа и западот за она што светот го турка во трета светска војна. Демократија е кога можеш да мислиш и да го зборуваш она што е можеби непопуларно (или наречено малигно влијание или штетен наратив), а ние како да се доближуваме до цензура од типот на Орвеловата „1984“.“

[xix] „Во мојата програма зборувам за мирољубива коегзистенција меѓу нациите и државите, наспроти трагање по непријатели и штетни влијанија. Впрочем, ние сме триесетина години под исклучиво западно туторство од врвот до базата на општеството, а резултатите се очајни. Тоа значи дека има нешто негативно и малигно и покрај тоа што овде се влејаа милиони долари за ширење западна идеологија и пропаганда.“

[xx] „Сајбер безбедноста, на пример, мора да биде дел од нашата одбрана. Како претседател, ќе го бранам усвојувањето закони кои ја подобруваат сајбер безбедноста, го промовираат споделувањето информации меѓу владините агенции и приватниот сектор, инвестираат во програми за едукација и обука за сајбер безбедноста и воспоставуваат цврсти протоколи за реакција против инцидентите. Дополнително, соработката со релевантните чинители како што се експертите за сајбер безбедност, агенциите за спроведување на законот и технолошките компании ќе ја зајакнат сајбер безбедноста на државата.“ (стр. 9)

[xxi] „Ќе создадам таск форс за сајбер безбедност составена од претставници на соодветните владини агенции, соодветните министерства и експерти од областа на индустријата. Оваа работна група, исто така, ќе помогне да се воспостави протокол за меѓуинституционална координација за зголемување на способностите за истрага и гонење на компјутерски криминал. Тоа исто така ќе помогне во поттикнувањето меѓународни партнерства за размена на информации, со цел да се координираат одговорите на локалните и глобалните сајбер напади.“

[xxii] Таравари Претседател ВЛЕН, Претседателска платформа, април, 2024.

[xxiii] Иако недостапна на интернет-страницата на партијата Движење ЗНАМ, програмата „Манифест за Македонија“ на кандидатот за Претседател Максим Димитриевски се содржи во промотивниот леток кој го споделува партијата во кампања, но може да се најде и на онлајн медиуми.

[xxiv] „МАНИФЕСТ ЗА МАКЕДОНИЈА“ Максим Димитриевски ја промовираше претседателската програма, Плусинфо, 4 април, 2024 година.

(СМК)

Треба да знаете
Moже да ве интересира