Собраниската Комисија за финансирање и буџет денеска втор ден одржува општа расправа по Предлог-буџетот за 2025 година во кој вкупните приходи се планирани на ниво од 358,8 милијарди денари, а расходите на ниво од 400,2 милијарди денари. Буџетскиот дефицит е проектиран во апсолутен износ од 41.350 милиони денари или на ниво од 4 проценти од планираниот БДП, а се предвидува раст на економијата од 3,7 проценти.
За пратениците од опозицијата Предлог-буџетот е рецепт за создавање на долгови, а за оние од власта е развоен и има за цел економска трансформација на државата и подобрување на условите за живот на граѓаните.
Фатмир Битиќи од СДСМ истакна дека овој Предлог-буџет не ја заслужува поддршката од неговата партија и додаде дека не е план за развој, туку рецепт за создавање на долгови и оти ќе претставува уште една изгубена година за граѓаните и за економијата.
– Ова пред нас не е буџет, туку отворен чек за трошење кој ќе остави пустош. Наместо конкретни мерки за поддршка и финансиска помош за компаниите, имаме уште еден „лабораториски“ буџет без амбиција, а оваа власт продолжува да чекори во погрешен економски правец, рече Битиќи.
Во овој буџет, додаде, нема план за зголемување на продуктивноста и конкурентноста на македонската индустрија, нема предвидени средства за технолошка модернизација и иновации.
– Ова не е буџет кој поддржува напредок, ова е буџет кој го стагнира македонското стопанство и ни го одзема правото на економски раст и развој. Недомаќинското однесување уште повеќе загрижува што се случува во услови на високо ниво на јавниот долг кој ќе ја надмине границата од историски највисоко ниво на јавен долг од 70,8 проценти, истакна Битиќи.
За планираниот раст на БДП од 3,7 проценти, рече дека имаме неусогласеност со Светската банка која оценува дека ќе има раст од 2,5, а и со Народната банка која очекува раст на БДП од 3,3 проценти.
– Имаме еден предизборно „надуван балон“, кој брзо ќе пукне и ќе остави само долгови и разочарувања. Ова е буџет без амбиција да создаде одржлива додадена вредност за македонската економија. Загрижувачкото зголемување на буџетскиот дефицит до 4 отсто од БДП или 672,3 милиони евра, што Владата го избра како пат, ќе создаде товар којшто ќе го сносат идните генерации, нагласи Битиќи.
Во реплика, заменик-министерот за финансии Николче Јанкуловски истакна дека планираниот раст од 3,7 проценти е врз основа на факти и посочи на зголемувањето на наплатата во Буџетот за годинава во повеќе ставки преку, како што рече, ефикасната работа на институциите, а не со воведување нови давачки и даноци. Дигиталната фактура што ќе се воведе од следната година, како што кажа, ќе помогне во делот на приходната страна да се стави ред и да нема повеќе „пиши, бриши“ фактури.
Дафина Стојаноска од ВМРО-ДПМНЕ рече дека за разлика од времето на СДСМ и ДУИ, Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ за само неколку месеци има реално зголемување на приходите од даноци и царини што е проектирано да се прелее и следната година.
– Очекувано беше вакво однесување од луѓето кои седум години не помрднаа ни едно камче денес да покажуваат лажна грижа за нивните сограѓани и да бараат средства за проекти кои тие имаа можност да ги реализираат, а за кои се обезбедени средства и тоа само во првите 100 дена од Владата на Мицкоски, рече Стојаноска.
Амандманите на опозицијата рече дека не се вистинска грижа за граѓаните.
– Филипче вчера исчита еден говор без ни малку учество во текстот, без трошка концентрација и без трошка суштина. Замислете, лидер на опозицијата, врвен доктор и универзитетски професор, речиси и да не ги спомена здравството и образованието. А како и би ги споменал, истиот оној кој од здравството си направи личен бизнис, кој се пазареше со набавката на вакцини, кој можеби се пазарел и со човечки животи, како за време на пандемијата, така и со страшниот скандал на онкологија, истакна Стојаноска.
Според Стојановска, не може да следува уште една изгубена година за економијата кога приходите се проектирани со зголемување од 16 проценти, пензионерите ќе го добијат ветеното зголемување, а повисоки плати се предвидени и за образованието, здравството, полицијата и администрацијата.
– Всушност, тоа и се потврди изминативе четири месеци кога видовме како може да се зголеми наплатата од царина, УЈП и ЈПДП. Не може да следува уште една изгубена година за економијата и граѓаните ако за 2025 година е предвиден раст на наплата на ДДВ од 10,5 проценти. Ова значи дека оваа влада нема да стане ортак со сивата економија, туку ќе влезе во директна борба со неа, рече Стојаноска.
Муса Џафери од ДУИ побара средствата од буџетот да се распределат рамномерно насекаде за да се овозможи развој и во понеразвиените општини. При распределбата, како што кажа, не треба да се прави економска и регионална дискриминација.
Комисиската расправа за Предлог-буџетот трае 10 дена и треба да заврши најдоцна до 30 ноември по што продолжува на пленарна седница. За Предлог–буџетот за 2025 година се поднесени вкупно 308 амандмани од кои 204 од опозициската СДСМ. Согласно законот, Буџетот за 2025 година треба да биде изгласан до 31 декември.