Две домаќинства од Куманово и Демир Капија добија награди како пример за енергетска ефикасност

Куманово

Центарот за истражување и информирање за животната средина Еко-свест од Скопје, во соработка со општините Куманово и Демир Капија, успешно го заокружи јавниот награден конкурс „Штеди енергија – освој вредна награда!“, кој се реализираше во текот на октомври и ноември 2026 година. На два завршни јавни настани во двете општини беа прогласени и наградени домаќинствата кои преку конкретни, видливи и применливи мерки во своите домови постигнале значителни заштеди на енергија, намалување на сметките и придонес кон почиста животна средина.

Комисијата составена од претставници на Еко-свест и локалните самоуправи ги избра најуспешните пријави врз основа на обемот на преземените мерки, јасно документираните економски, социјални и еколошки придобивки, како и можноста тие решенија лесно да се применат и во други домаќинства.

Во рамки на конкурсот беа доделени две главни награди – ваучери за топлинска изолација на ѕидови во вредност од 40.000 денари, по една во двете општини, како и дополнителни награди за граѓаните кои активно се вклучија во кампањата и ги пријавија своите проекти за енергетска ефикасност. Овие дополнителни награди вклучуваат пакети за паметна заштеда во домот: ЛЕД светилки, мерачи за потрошувачка на електрична енергија и паметни приклучоци за автоматизација на домашните апарати.

„Со овој конкурс сакавме да покажеме дека енергетската ефикасност не е апстрактен поим, туку секојдневна практика која носи директна корист за семејниот буџет и за воздухот што го дишеме. Приказните што ги добивме од граѓаните во Куманово и Демир Капија се најдобар доказ дека дури и со едноставни чекори – од подобра изолација до замена на старите уреди и сијалици – може да се намали потрошувачката на енергија, а истовремено домот да стане поудобен за живеење,“ изјавија од Еко-свест.

Од Општина Куманово / Демир Капија истакнаа дека се задоволни од оваа иницијатива и соработка со Еко-свест.

„Особено нè радува интересот и креативноста на нашите сограѓани кои несебично ги споделија своите позитивни искуства. Како локална самоуправа, остануваме посветени на поддршката на ваквите иницијативи кои градат долгорочни навики за одговорно користење на енергијата. Овие наградени домаќинства се вистински локални амбасадори кои ќе ги мотивираат и своите соседи да инвестираат во енергетски поефикасен дом.“

За време на конкурсот, граѓаните испраќаа фотографии и кратки видеа преку кои ги илустрираа промените во нивните домови – од поставување топлинска изолација на фасади и покриви, замена на прозорци и врати, па сè до користење штедливи апарати, ЛЕД осветлување и рационално исклучување на уредите.

„Поставувањето термоизолација не е само подобрување на изгледот на домот, туку директна инвестиција во поудобен живот и поекономично користење на енергијата. Благодарни сме за поддршката и ова признание, кое е одличен поттик за сите граѓани да размислуваат енергетски ефикасно“, вели Ивана Трајков, добитник на главната награда за енергетска ефикасност во Демир Капија.

„Со поставување на термоизолација, соларен бојлер и фотоволтаици со батерии од 10 kW, значително ја намалив потрошувачката на енергија и сега плаќам само околу 500 денари месечно за струја. Можеби првичниот трошок е поголем, но секоја инвестиција во енергетската ефикасност се исплати на долг рок“, вели Горан Саздовски, еден од наградените на конкурсот од Куманово.

Конкурсот „Штеди енергија – освој вредна награда!“ е дел од пошироката јавна кампања на Еко-свест во соработка со општините во Македонија за подигнување на јавната свест и поттикнување на енергетско-социјална и еколошка трансформација на локално ниво.

Преку своето делување, Еко-свест останува цврсто посветена на визијата за енергетски сектор целосно заснован на децентрализирано, одржливо користење на обновливи извори и иновативни технологии, каде што максималниот општествен развој се постигнува со минимална потрошувачка на енергија и заштита на животната средина и јавното здравје. Заложбата на Еко-свест е граѓаните да бидат активни чинители со право слободно да произведуваат енергија и да се здружуваат во енергетски заедници, додека целата трансформација мора да се води според принципите на вистинска праведна транзиција, процес во кој никој нема да биде изоставен, економската стабилност на погодените заедници ќе биде обезбедена преку нови алтернативни гранки, а пристапот до чиста и достапна енергија за социо-економски најранливите граѓани ќе биде целосно загарантиран.

Рацин.мк ве прашува:

Ќе имаме ли пензија од која ќе може пристојно да се живее?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Ќе имаме ли пензија од која ќе може пристојно да се живее?