Случајот Мусиала го подели Баерн Минхен меѓу здравјето на ѕвездата и милионскиот договор

Фото: EPA/RONALD WITTEK

Раководството на Баерн Минхен и менаџерскиот тим на Џамал Мусиала одржаа заеднички состанок и порачаа дека здравјето на фудбалерот е апсолутен приоритет, по неколкудневните јавни тензии околу неговата невролошка дијагноза и договорот вреден околу 25 милиони евра годишно. Клубот потврди дека првите невролошки прегледи биле направени во април 2025 година во координација со клупските лекари, отфрлајќи ги шпекулациите дека болеста била криена при потпишувањето на договорот во февруари истата година.

Случајот со 23-годишниот германски репрезентативец прерасна во една од најчувствителните внатрешни кризи во баварскиот гигант во последните години, судирајќи ги финансиските интереси на Надзорниот одбор со спортскиот сектор и синдикатите за заштита на правата на фудбалерите.

Сè започна во февруари 2025 година, кога Мусиала го продолжи договорот со Баерн до јуни 2030 година. Според податоците објавени во германските медиуми „Штерн“ и „Зиддојче цајтунг“, договорот му гарантира годишна заработка од околу 25 милиони евра, со бонуси и дополнителни клаузули кои можат да ја искачат сумата до 30 милиони евра годишно, како и право на целосна плата до шест месеци во случај на болест, наместо стандардните шест недели.

Само два месеци по потписот, на 22 април 2025 година, Мусиала бил подложен на првите невролошки прегледи по појавата на симптоми слични на „апсанси“, односно краткотрајно губење на свеста и контактот со околината. Во јули 2025 година следуваше и тешка физичка повреда на Светското клупско првенство против Пари Сен Жермен, каде што по судир со голманот Џанлуиџи Донарума претрпе скршеница на фибулата и изместување на зглобот, поради што мораше да биде опериран и да паузира со месеци.

Здравствената состојба повторно стана главна тема во август 2026 година, кога Мусиала двапати колабираше на теренот во рок од четири дена за време на подготвителните натпревари против РБ Лајпциг и Хајденхајм. На 18 август фудбалерот јавно потврди дека му е дијагностицирана невролошка дисфункција која предизвикува епилептични „апсанс“ напади, нагласувајќи дека прима соодветна медицинска терапија кај двајца специјалисти-невролози и дека нема дополнителен ризик за продолжување на кариерата.

По двомесечна пауза поради мускулна повреда заработена во септември на репрезентативен натпревар против Холандија, Мусиала се врати на теренот на 20 ноември 2026 година со 20 одиграни минути во ремито против Келн (1:1), а пет дена подоцна настапи и во завршницата на дуелот од Лигата на шампионите на гостувањето кај Лил.

Токму во периодот на неговото враќање во натпреварувачки ритам избувна јавниот судир околу неговиот договор. По информациите во германскиот печат дека фудбалерот доживеал нова кратка епизода на тренинг и дека документацијата од неговите приватни невролози не била директно достапна за Надзорниот одбор, почесниот претседател Ули Хенес и членот на Надзорниот одбор Карл-Хајнц Румениге јавно ја отворија темата за оправданоста на неговата плата.

Хенес во телевизиско гостување изјави дека клубот се наоѓа во дилема бидејќи станува збор за болест која само делумно се контролира со лекови и дека е неизвесно дали Мусијала ќе го врати старото ниво на игра. Румениге отиде чекор понатаму и оцени дека таквите финансиски суми повеќе не се оправдани и дека клубот мора одговорно да размисли како да се справи со ситуацијата.

Овие изјави предизвикаа остра реакција од светскиот синдикат на фудбалери ФИФПРО и од германскиот синдикат ВДВ. Од ФИФПРО го обвинија Баерн за координиран притисок врз повреден и болен играч, порачувајќи дека договорите постојат за да се почитуваат и дека здравствените проблеми не му даваат право на клубот повторно да ги отвора финансиските услови.

За разлика од тврдиот став на Хенес и Румениге, тренерот Венсан Компани и спортскиот директор Макс Еберл застанаа во одбрана на фудбалерот, а Компани порача дека сè ќе се решава на теренот и дека клубот мора да верува во своите играчи.

По средбата одржана на 24 ноември меѓу раководството на клубот – претставувано од извршниот директор Јан-Кристијан Дресен, претседателот Херберт Хајнер и спортскиот директор Макс Еберл – и агентите на фудбалерот од агенцијата „11ВИНС“ предводени од Кристијан Шмид, Баерн објави официјално соопштение за смирување на состојбата. Во него двете страни потврдија дека разговорите продолжуваат во дух на партнерство и доверливост и дека Мусиала ќе ја добие сета поддршка во процесот на закрепнување, додека германските медиуми пренесоа дека фудбалерот се согласил да овозможи транспарентен увид во медицинската документација кај своите лекари.

Рацин.мк ве прашува:

Ќе имаме ли пензија од која ќе може пристојно да се живее?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Ќе имаме ли пензија од која ќе може пристојно да се живее?