Европското јавно обвинителство (ЕППО) уапси 21 лице осомничено за припадност во организирана криминална група која преку фиктивни фирми и даночни измами испрала најмалку 120 милиони евра. Во меѓународната операција учествуваа повеќе од 3.000 полициски, даночни и царински службеници, а извршени се над 300 претреси во 12 држави, меѓу кои и Хрватска.
Истрагата ја води канцеларијата на Европското јавно обвинителство (ЕППО) во германскиот град Минхен. Групата се сомничи дека перела пари преку издавање лажни фактури, даночни измами со данокот на додадена вредност (ДДВ) и нелегален банкарски систем.
Претресите и заплените беа спроведени во Белгија, Хрватска, Естонија, Франција, Германија, Италија, Литванија, Полска, Романија, Словачка, Холандија и Молдавија. Сите 21 осомничено лице се уапсени на територијата на Германија, Белгија и Естонија.
За време на координираните рации низ Европа, истражителите запленија деловна документација, уреди за складирање дигитални податоци, големи количини готовина, луксузни автомобили, часовници и накит.
Според наодите на истрагата, криминалната мрежа контролирала најмалку 22 фиктивни компании во Германија. Овие фирми издавале сметки за услуги што никогаш не биле извршени и на нив лажно пресметувале ДДВ. Други компании и поединци ги користеле тие фактури за незаконски да остварат право на одбиток на ДДВ и да го намалат данокот што требало да го платат.
Истовремено, фиктивните фирми не ги пријавувале приходите ниту наплатениот ДДВ, ниту ги подмирувале даночните обврски. ЕППО проценува дека само на овој начин во Германија е направена даночна штета од најмалку 18,9 милиони евра.
Истражителите утврдиле дека парите што другите претпријатија ги уплаќале на сметките на фиктивните фирми биле подигани во готовина, а дел од тие средства им се враќале на купувачите на лажните сметки. Во најмалку еден документиран случај, готовината била искористена за исплата на непријавени работници ангажирани кај давател на услуги за обезбедување, без пријава во системот за социјално осигурување.
Сите лица опфатени со истрагата се сметаат за невини сè додека нивната вина не се докаже со правосилна одлука пред надлежните германски судови. Европското јавно обвинителство е независно тело на Европската Унија надлежно за истраги и гонење на кривични дела со кои се оштетуваат финансиските интереси на Унијата.

