Хрватска нема да даде согласност Црна Гора да го затвори поглавјето 31 во преговорите со Европската Унија додека не се реши прашањето за копнената граница кај Превлака, порача хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ. Тој ја исклучи и арбитражата како начин за решавање на спорот.
„Поглавјето 31 нема да се затвори додека не се реши прашањето за копненото разграничување“, изјави Пленковиќ, пренесе денеска црногорскиот јавен сервис РТЦГ. Поглавјето се однесува на надворешната, безбедносната и одбранбената политика.
Пленковиќ реагираше на најавата дека Подгорица наскоро ќе достави предлог за разграничување и на копно и на море. Загреб бара прво да се потврди копнената граница кај ’ртот Конфин, а за границата на море да се преговара подоцна. Пленковиќ рече дека Хрватска секое оспорување на копнената граница кај Превлака ќе го толкува како територијална претензија.
Од кабинетот на црногорскиот премиер Милojко Спајиќ претходно соопштија дека ги прифаќаат начелата на Бадентеровата комисија, според кои поранешните републички граници станале државни, но дека допрва треба да се утврди каде точно минувала границата на тој дел. Подгорица се залага за билатерален договор, а ако тој изостане, остава простор спорот да се решава пред меѓународна инстанца.
Според црногорски „Вијести“, Хрватска го блокира затворањето на поглавјето 31 од декември 2024 година поради отворени билатерални прашања

