Американскиот милијардер Тод Боли соопшти дека потпишал договор со санкционираната руска нафтена компанија „Лукоил“ за преземање на нејзините нафтени полиња, рафинерии и мрежа на бензински станици надвор од Русија. Во конзорциумот предводен од Боли учествува и американската државна Меѓународна финансиска корпорација за развој (DFC), а зделката предвидува размена на хартии од вредност во износ од 10 милијарди долари.
Договорот е постигнат по повеќе од една година преговори и сега чека одобрување од Канцеларијата за контрола на странски средства (OFAC) при Министерството за финансии на САД, кое во октомври 2025 година воведе санкции против „Лукоил“. Според условите на зделката, американската влада преку својата развојна агенција DFC ќе добие удел во идната добивка и место во управниот одбор на новата компанија, откако приватните инвеститори во конзорциумот ќе го повратат вложениот капитал и договорената стапка на принос.
Меѓународното портфолио на „Лукоил“, чија вредност две лица запознаени со договорот за Ројтерс ја проценуваат на околу 16 милијарди долари, опфаќа операции во околу 40 земји. Во пакетот влегуваат нафтени полиња во Азербејџан, Казахстан и уште девет држави со дневно производство од околу 350.000 барели нафта, како и рафинерии во Холандија, Бугарија и Романија и широка мрежа на бензински станици, вклучително и во Соединетите Американски Држави.
Механизмот на трансакцијата предвидува размена на акции на „Лукоил“ вредни 10 милијарди долари, кои претходно биле откупени од американски и британски фондови и депозитарни банки што ги држеле во име на мали инвеститори. Тие акции беа замрзнати и отпишани по руската инвазија врз Украина во 2022 година.
„Всушност разменуваме акции што за Американците се безвредни за готовина што им се враќа назад“, изјави Боли, кој е главен извршен директор и сопственик на инвестициската и осигурителна холдинг-компанија „Елдриџ“, која управува со средства од 75 милијарди долари. Тој посочи дека овие хартии од вредност се претвораат во реално портфолио на средства лоцирани долж Средниот коридор што ги поврзува Централна Азија и Европа.
За да се добие зелено светло од американското Министерство за финансии, кое забранува каков било финансиски прилив за руската компанија, разменетите акции ќе бидат депонирани на наменска сметка во Обединетите Арапски Емирати наместо да бидат директно префрлени на „Лукоил“. Претходно Стејт департментот ја поддржал ваквата структура на зделката, иако Министерството за финансии првично ја одбило идејата за размена на акции.
Претставник на DFC изјави дека префрлањето на стратешката енергетска инфраструктура во рацете на САД или сојузнички партнери претставува приоритет на американската администрација и помага да се ограничи способноста на Москва да ја финансира војната во Украина. Боли наведе дека затворањето на трансакцијата би можело да трае до една година, по што заедничкото вложување ќе добие ново име.
Тој не ги откри поединечните сопственички удели на четворицата партнери во конзорциумот, меѓу кои се американската банка „Екстелус партнерс“ и компанијата „Катена инвестмент холдинг“ со седиште во Обединетите Арапски Емирати. Минатата недела од групацијата излегле сириско-катарските браќа Ал-Кајат и компанијата „Интернешнл холдинг компани“ од Абу Даби, чии деловни врски со Џаред Кушнер, зетот на американскиот претседател Доналд Трамп, можеа да предизвикаат критики од демократите во Конгресот.
Интересот за странските средства на „Лукоил“ траеше повеќе месеци, но претходните обиди не завршија со реализација. Трговецот со суровини „Гунвор“, преименуван во „Центалион“, во 2025 година се повлече откако американскиот министер за финансии Скот Бесент ја нарече компанијата марионета на Кремљ, додека инвестициската групација „Карлајл“ во јануари потпиша договор, но не доби лиценца од OFAC.

