Во рамките на 16 дена активизам против родово базирано насилство, испративме лично адресирани писма до сите пратеници, членови на Владата, премиерот и претседателката на државата, со повик за исполнување на шесте барања за унапредување на системот за спречување и заштита од насилство врз жените.
Ова се вели во соопштението на Мреѓата за заштита од дискриминација кое понетаму го пренесуваме во целост:
Инспирирани од предлогот на претседателката на државата за организирање изложба со фотографии на сторителите на насилство, одлучивме овогодишната кампања да ја посветиме на јавно повикување на одговорност на оние кои имаат законска и политичка одговорност и реална моќ да ги подобрат состојбите со спречувањето и заштитата од родово базирано насилство.
Во текот на 16-те дена активизам, со име и презиме, јавно ќе ги повикуваме носителите на јавни функции од кои очекуваме да дејствуваат. Ќе ги потсетиме на нивните надлежности, законски обврски, дадени ветувања и досегашни постапки. На 10 декември, Меѓународниот ден на човековите права, очекуваме да ја информираат јавноста кои од шесте барања ги исполниле и што конкретно презеле за нивно исполнување.
Со седум фемициди од почетокот на годината, нема повеќе простор за декларативна поддршка, симболични активности и одложување на одлуките. Оваа година, наместо да ја подигаме свеста на жените за насилството што секојдневно го живеат, бараме одговорност од оние кои имаат обврска да ги заштитат.
Кампањата ја започнуваме со Африм Гаши, претседател на Собранието, каде што веќе три месеци законските измени за заштита на жените од насилство чекаат да бидат ставени на дневен ред.Ги повикуваме медиумите да ја следат кампањата и заедно да бараме конкретни одговори, постапување и одговорност од носителите на јавни функции.

