Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Демонстрантите одбиваат да го напуштат парламентот во Абхазија

Демонстрантите во грузискиот отцепен регион Абхазија, поддржан од Русија, одбија во саботата да ја напуштат зградата на парламентот во која упаднаа претходниот ден. Претседателот на регионот како услов за оставка го постави нивното заминување од парламентот.

Демонстрантите го окупираа парламентот во знак на протест поради инвестицискиот договор со Москва.

Руската новинска агенција РИА објави дека претседателот Аслан Бжанија во саботата изјавил дека ќе поднесе оставка и ќе одржи предвремени избори откако демонстрантите ќе го напуштат парламентот во главниот град на Абхазија Сухуми и ќе предложат потпретседател за привремен шеф на државата.

„Кога ќе ја напуштат зградата, ќе ја потпишам оставката и на новите избори ќе видиме колкава поддршка ќе добијат“, изјави Бжанија.

Тој рече дека планира да се кандидира на тие избори.

Демонстрантите во изјавата рекоа дека окупацијата не е против блиските врски на Абхазија со Русија, но го обвинија Бжанија дека „се обидува да ги искористи овие односи за свои себични интереси и манипулира со нив заради зајакнување на неговиот режим“.

Москва во петокот соопшти дека со загриженост ја следи „кризната ситуација“ и ги повика руските граѓани да избегнуваат патување во Абхазија.

Русија ги призна Абхазија и уште еден отцепен регион, Јужна Осетија, како независни држави во 2008 година, откако ја победи Грузија во петдневната војна. Одржува воени бази во двата региона и ги поддржува нивните економии.

Поголемиот дел од светот ја признава Абхазија како дел од Грузија, од која се отцепи за време на војните во раните 1990-ти.

Зачлени се на нашиот е-билтен