Израелските војници зазеле стратешки рид во јужното либанско село Чама, на околу пет километри од израелската граница. Ова е најдлабокото теренско навлегување на Израел во Либан од почетокот на копнената операција пред шест недели.
Војниците подоцна се повлекле, по судири со членови на милитантната група Хезболах, соопштија либанските медиуми.
Израелските војници го кренале во воздух храмот на пророкот Шимон во Чама, како и неколку куќи пред да се повлечат, но оваа информација не може да се потврди.
Израел однапред ги предупреди жителите да се евакуираат. Во моментов нема извештаи за евентуални жртви.
Над 3.400 луѓе загинаа во израелски оган во Либан, од кои 80 отсто во последните осум недели, соопшти либанското Министерство за здравство.
На 1 октомври, Израел започна, како што соопштија израелските одбранбени сили, „ограничена и насочена“ копнена операција во јужен Либан против Хезболах.
Целта на Израел е да го истисне Хезболах од пограничните области за да можат безбедно да се вратат дома десетици илјади Израелци евакуирани од своите домови на северот на Израел.