-Оваа година прославата на Денот на албанската азбука нè затекнува среде жестока дебата за официјалната употреба на албанскиот јазик во нашата земја,.
Ова денеска го истакна во своето обраќање првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити на Свечената академија во Влада по повод одбележувањето на 22 Ноември – Денот на албанската азбука.
Изет Меџити додаде дека оваа дебата предизвикува непотребни тензии во нашето општество и во регионот.
-Ниту едно добиено или спроведено право не може да се укине или ограничи бидејќи ако сакаме луѓето да бидат третирани еднакво во мултиетнички општества тогаш наша должност е да им обезбедиме или гарантираме уживање и остварување на стекнатите права и слободи – вели тој.
Тој посочи дека Уставниот суд, наместо институција која треба да ги чува правата и слободите на граѓаните, се претвори во институција кон која сите фрлаат оган, гнев и стрели.
Очекувам Уставниот суд да се занимава со аспектите на човековите и граѓанските права и слободи и да не се пушта на политички размислувања за актуелни прашања и на тој начин да стане партија, наместо да остане непристрасен арбитер и подалеку од политички влијанија кога носи одлуки – заклучи Меџити.