РЕДИ Рециклажа, првото и единствено социјално претпријатие лиценцирано за управување со отпад во Северна Македонија, успешно спроведе акција за собирање на габаритен неопасен електронски отпад во Источна Македонија, односно во Пробиштип, Кочани и Штип.
И покрај неповолните временски услови, оваа иницијатива забележа извонреден одзив од граѓаните кои на совесен начин предадоа речиси 2 тона електронски отпад. Оваа акција значително придонесе кон зачувување на животната средина во период кога загадувањето е на највисоко ниво, како и кон зголемување на социјалната инклузија преку вклучување на маргинализираните групи во процесот на формално управување со отпад.
Спроведената акција е дел од напорите на РЕДИ Рециклажа за создавање одржлив систем за управување со отпад кој е истовремено општествено праведен. Една од клучните компоненти на моделот на РЕДИ Рециклажа е формализирањето на неформалните собирачи на отпад – најчесто припадници на маргинализираните заедници – со цел да им се обезбедат пристојни работни услови, фер плати и економска стабилност.
Овој пристап не само што ја штити природата, туку и создава нови можности за вработување и социјална инклузија. Граѓаните кои учествуваа во акцијата ја истакнаа својата благодарност за можноста на одговорен начин да се ослободат од својот електронски отпад. По завршувањето на акцијата, РЕДИ Рециклажа доби бројни повици со пофалби и барања ваквите активности да се организираат почесто.
Иако повеќето од активностите насочени кон одговорно управување со отпад досега беа фокусирани во главниот град, оваа акција ја истакна важноста за проширување на ваквите иницијативи низ целата држава. Оваа акција покажа дека граѓаните имаат висока свест за селекција на отпад и рециклирање, како желба за активно учество во зачувување на природата доколку им се укаже можност.
РЕДИ Рециклажа планира организирање на слични акции низ повеќе градови во Северна Македонија, со цел да се изгради систем кој е достапен за сите граѓани, без разлика на местото на живеење.
РЕДИ Рециклажа е претпријатие поддржано од страна на RECONOMY програмата а за економски развој на Шведската меѓународна агенција за развојна соработка (Sida), која се спроведува од страна на HELVETAS.