Бојан Стефановски е разрешен од функцијата директор на НУ Универзитетска библиотека “Св. Климент Охридски” на бандитски начин и на негово место е назначен несоодветен и нестручен кадар, реагираат денеска од општинската организација на СДСМ.
Од партијата истакнуваат дека „на смената ѝ претходеле бројни инспекции и беспредметни забелешки кои ѝ наштетија на библиотеката, а свој епилог ќе имаат на суд зошто од страна, на сега веќе бившиот директор Стефановски, е поднесена тужба по однос на наодите на инспекцијата“.Во
Во реакцијата се наведува дека „на една и пол година пред истекот на мандатот, додека користел годишен одмор, Стефановски е заменет со библиотекарски помошник кој бил на работно место во магацин за архивски примерок и по систематизација со средно образование“.
Дополнително, според СДСМ, именуваното лице има документ “Наод, оцена и мислење од Фондот за здравствено осигурување на РСМ” и во него е назначено дека е половично способен за работа. Меѓудругото, не треба да работи на компјутер.
„Овој документ од Фондот, лицето го користело неколку години, а бидејќи неговото работно место предвидувало и работа на компјутер, Стефановски организирал замени од редот на вработените во библиотеката кои ги работеле неговите работни задачи. Со преземањето на директорската функција, лицето веќе не го користи овој документ за ослободување од работа на компјутер. Дали сега како раководен кадар на Библиотеката потврдата ја изгуби важноста или има основи за сомневање во нејзината веродостојност, треба да одговорат надлежните институции“, укажуваат од СДСМ од Битола.
Во реакцијата се посочува дека „новиот директор во моментов врши две дијаметрално спротивни функции кои законски не смеат да бидат содржани во едно лице, а тоа е – директор на библиотеката и претседател на синдикатот во библиотеката. Така, вработените во библиотеката своите работнички права кои доколку во иднина би биле нарушени од страна на директорот можат да ги пријават повторно кај директорот, кој би бил во својство на претседател на СОНК“.
„Погрешните политики кои ги води ВМРО – ДПМНЕ уништуваат и човечки животи и институции со долгогодишно реноме! Во библиотеката има вработени кои исполнуваат услови да бидат назначени за директор кога веќе Бојан Стефановски не смее да биде оти е член на СДСМ. И тоа лица со библиотечни звања во струката и богато професионално резиме! Што се крие зад кадровското решение на ВМРО – ДПМНЕ во библиотеката и назначувањето на претседателот на Синдикатот на местото директор?“, прашуваат од општинската организација на најголемата опозициска партија.
Од СДСМ Битола нагласуваат дека „секој ден паѓаат во вода ветувањата на ВМРО – ДПМНЕ за департизација и професионализација на институциите! Целта била само власт, и тоа по секоја цена! Ги повикуваме надлежните институции да реагираат!“.