„Искуството од минатото ни покажа дека е ризично да се има гломазна, безбедносна партизирана институција која може да се злоупотреби и затоа како претседателката, треба итно да интервенирате“, и рекол лидерот на опозициската СДСМ, Венко Филипче, на средбата со претседателката Гордана Сиљановска Давкова, во Вила Водно.
Филипче на средбата ја пренел загриженоста за ризикот од партизацијата во безбедносните структури, од страна на власта, особено од најавите на Мицкоски за спојување на двете безбедносни агенции – Агенцијата за национална безбедност и Агенцијата за разузнавање. Побарал поголем ангажман бидејќи дел до безбедносните служби се во нејзина надлежност.
„Сметаме дека ризикот може да биде многу голем доколку настане фузија на двете безбедносни агенции, а се продолжи со ваква партизација имајќи предвид дека сме имале такво лошо искуство во минатото дека таква гломазна безбедносна партизирана институција може да се злоупотреби“, рече претседателот на СДСМ, Филипче.
Од друга страна пак, премиерот Христијан МИцкоски неодамна посочи дека спојувањето на АНБ и АР е потребна реформа, за која разговарал и со претседателката.
„Не, затоа што некој има лична фрустрација, па ќе спојува институции, туку затоа што тоа го направиле во најголемиот дел од нашите сојузници во НАТО. Кога Владата ги подготвува законите, и реформите ги подготвува во рамки на институциите. Кога ќе имаме работна верзија, ќе ја презентираме пред јавноста“, рече Мицкоски.
Инаку од неодамна за прв човек на АНБ, поставен е, Бојан Христовски.
Според СДСМ со назначувањето на христовски за директор на АНБ, власта прави опасна партизација на Агенцијата за национална безбедност.
„Со поставувањето на лице кое до 2023-та година беше претседател на градскиот комитет на ВМРО ДПМНЕ, оваа партија директно го прекрши член 10 од законот за АНБ,“ потенцираат од СДСМ.
Денешната средба во вилата Водно, меѓу претседателката на државата, Сиљановска Давкова и лидерот на СДСМ, Венко Филипче се случи по барање на шефот на опозициската партија.