Ве информираме дека во соработка со сојузот на уметници, активисти и волонтерски антикорупционери од планетата Марс, извршивме скенирање на нивото на корупција во неколку клучни институции во Северна Македонија, стои во соопштението од Центарот за современи уметности Скопје и Центар за интергалактички иницијативи „4 месечини“ од Марс кое пристигна во нашата редакција. Станува збор за нова герила акција на групата Урбани уметнички акции / урбана герила.
– Нашите почитувани гости кои го вршеа мерењето беа вчудоневидени и загрижени како е можно воопшто да функциоинираме со толкаво ниво на корупција и истакнаа дека земји со вакво ниво на корупција имаат сретнато само на Сончевииот систем Зулу 456 (преведено значи систем неисполнето ветување) кој се наоѓа на 46.74.98 степени и 784 светлосни години од соѕвездието ZH213/dc9b727/3 или за нас познато како соѕвездие Магеланов облак – се вели во соопштението.
Оттаму објаснуват дека оваа активност заедно со колегите Марсовци ја спровеле бидејќи е сè поочигледно дека состојбата со нивото на корупција во Македонија е загрижувачка, а според некои анализи на организациите кои ја истражуваат оваа тема, дури една четвртина од јавните пари во нашата земја се дел од различни коруптивни шеми, што со оглед на фактот дека буџетот на РСМ за 2025 ќе биде 6.5 милијарди евра значи дека корупцијата и во наредниот период скапо ќе нè чини.
– Во разговор со нашите колеги од Марс добивме резултати дека длабинското скенирање и скенирањето на повеќегодишните просеци на корупција покажуваат дека корупцијата е феноменот што ја придружува нашата земја од почетокот на независноста до денес и дека за тоа не е виновна ниту една влада засебно, туку сите влади заедно во изминатите 30 и кусур години. Згора на тоа, според колегите од зелената планета, корупцијата била и е главниот проблем што го попречува градењето на правна и праведна држава и градењето на европско општество кон кое ние, но и интергалактичкиот совет на Сончевиот систем се стремиме – велат тие.
Препораките кои ги добиле од колегите Марсовци за намалување на корупцијата се следниве:
1. Сентенцата „Јас само да прашам“ додека се чека на шалтер е првиот чекот кон корупцијата и мајка на сите проблеми на граѓаните со институциите.
2. Секоја работа која не може да се заврши за еден ден ќе се заврши за еден месец.
3. Да не се правиме Итар Пејо во комуникација со институциите бидејќи институциите се полни со „паши и апаши“.
4. Кога влегуваме во институции гласно да ја пееме песната „Мито бекријо“, која функционира како своевидна вакцина против мито и корупција.
5. Ако некој ни побара мито да го удриме по глава со третиот камен од Сонцето и да го пријавиме во антикорупциска комисија и МВР.
6. Посериозно да ги сфатиме препораките на ЕУ бидејќи тие се креирани во соработка со интергалактичкиот совет на нашата галаксија Млечен пат, која пак најубаво се гледа од нашата опсерваторија во Кокино на 9 декември, односно 13 дена пред зимската краткодневица.
7. На докторите да почнеме да им носиме шеќер бидејќи кафе имаат за до 2085 светлосна година.
8. Да поченеме да купуваме подароци и за учителите за 8 март или да престанеме да купуваме и за учителките.
9. Наместо Сваровски накит на судиите и на обвинителите, да им купуваме накит на своите сопруги, девојки и партнерки, односно рибарски прибор на своите сопрузи и партнери.
10. Да се избориме власта/државата да треба да докаже дека ние не сме во право, наместо ние да докажуваме дека сме во право.
11. Државата на шалтери да поставува исклучиво административци со важечко лекарско уверение кои знаат барем најголем дел (мин.85%) од буквите од кириличната и латиничната азбука.
12. И најважно од сè, кога ќе се разбудиме сабајле да си кажеме себеси „Со силата на Бога, Христос, Мухамед, Петокраката и Универзумот, можно е да има живот и вон партиите и свесно ќе се борам против корупцијата, нема да давам и да примам мито бидејќи моите внуци можеби ќе имаат шанса да живеат во нормална држава.
– На крајот дозволете да додадеме дека по интензивно скенирање, Марсовците успеаја да пронајдат и некорумпирани или минимално корумпиурани институции (НБРМ, Министерство за одбрана, Државен завод за ревизија, Природонаучен музеј… ) и во знак на среќа (како што се гледа и во видеото) го изиграа Марсовскиот танц кој на тие институции ќе им даде нова космичка енергија да продолжат професионално и совесно да си ја вршат својата работа и да им служат на граѓаните – се вели во соопштението.