Речиси целата, комплетна редакција на порталот Рацин.мк. беше во Дојран, овие денови додека е доцна есен и на прагот на зимата за да провериме дали Дојран има што да понуди и во зимската сезона. Тоа го правиме низ разговор со градоначалникот на Општина Дојран), Анго Ангов и со со неколкуте репортажи што ги направивме во текот двата дена колку што ќе престојувавме во Дојран.
Со градоначалникот Анго Ангов разговараше Зоран Бојаровски
Рацин.мк: Дојран е еден интересен феномен, ми се чини дека има некаде околу 3,500 жители, а кога е туристичка сезона во полн ек, или пак за време на празниците знае да достигне и до 10.000 посетители, можеби и повеќе. Бројка која говори колку е атрактивен, а потоа и колку е подготвен да прифати толкав број на луѓе, да ги оправда нивните очекувања. Како Дојран успева да се справи со толку гости, речиси три пати повеќе од жителите на општината во врвот на сезоната?
Ангов: Па се соочуваме со проблем. Тоа е еден од погорливите проблеми со кои се соочуваме, бидејќи општина од 3,500 жители треба да се приспособиме во општина која надминува и 20.000 луѓе на дневна основа. Посебно имаме проблеми со собирањето на комунален отпад и снаоѓањето со комуналната хигиена. Во повеќе години распишувавме дури и тендерски постапки која ни помага во одржувањето барем на централното подрачје, меѓутоа секако дека тој голем наплив на луѓе прави проблеми и со паркирањето и со метежот кој се создава но некако Дојран се приспособува полека за дочек на оваа луѓе. Се создаваат нови паркинг простори, се создаваат нови содржини кои се доста атрактивни за самите посетители, се отвораат нови плажи кои се надвор од централното подрачје за кои мислам дека треба да бидат промовирани и дадени на приватни стопанственици за да си добијат свој ефект и одржување на некој начин. Работиме на тоа поле и се трудиме од година во година да бидиме што подобри домаќини.
Која е понудата во зимскиот период, има ли оној тип на конгресен туризам?
Тоа беше една од главните теми бидејќи ние не сакаме Дојран да има туризам само 2-3 месеци во текот на летото туку да имаме туризам 12 месеци во годината. За таа цел создававме содржини кои не беа во употреба како што е на пример турската бања, саат кулата кои беа разрушени уште во Првата Светска војна и после 115 години на некој начин успеавме со прекугранична соработка да ги реставрираме овие објекти и да ги ставиме во функција за посетителите. Направивме пристапни патеки до нив. Сите други работи како што се рекреативната пешачка патека, семинираскиот туризам се дел од понудата која што ја има Дојран надвор од летната сезона. Имаме велосипедски патеки, ја направивме патеката до фронтовата линија, во должина од 16 километри со помош од југоисточен плански регион. Така што создаваме туристички содржини кои што треба да бидат атрактивни и допрва истите ќе бидат промовирани. За таа цел ни е формирано и новото ЈП кое треба да се потруди да ги организира овие работи и да станат поатрактивни за посетители не само за нашите домашни туристи туку и за странските. Капацитетит растат од година во година, се гради на сите страни. Дојран стана атрактивен последните 4-5 години. Цената на м2 од 600 евра порасна на некои 1000-1200 евра, тоа е показател. Имаме и други показатели кои покажуваат како се развива Дојран, како што е данокот на промет којшто е десеткратно зголемен. Така што, задоволни сме како се движат работите, но секако дека ни треба време и треба уште да се подобруваме во одредени полиња за да бидеме една добра, туристичка светска дестинација.
Спомнавте, големиот број на гости и предизвикот заради таа бројка, но Дојран заради езерото се гледа и од аспект на заштитата на животната средина. Имаше предизвици во минатиот период, имаше и еден актуелен сега, но мислам дека успеавте да ги совладате тие предизвици и ме интересира во таа насока кои се главните проблеми со кои се соочувате на планот на животната средина и кои се оние кои успеавте да ги решите онака како што замислувате?
Па, езерото е секако приоритет број 1 бидејќи без езерото ќе нема ни туризам, нема да се случува она што се случува во Дојран. Така што, ние како локална самоуправа целосно сме насочени кон тоа, за таа цел бидејќи како мала општина имаме и мал кадар кој можеме да го ангажираме, но се снаоѓаме на тој начин што имаме ангажирано експерти, посебно со невладини здруженија кои што се од таа сфера, како што е „Милиеуконтакт“, со кои имаме потпишано меморандум за соработка и навистина можам да кажам дека заедно имаме реализирано многу проекти и обезбедено доста финансиски средства. Најпрво бидејќи законот за заштита на езерото е од 2011 година се боревме, веќе поминале 15 години а се уште ги немаме стратешките документи како што се студијата за валоризација и менаџмент планот за управување со езерото. Тоа е на некој начин и основата со која што со која треба да почне правилната заштита на езерото и да се знае каде смее да се гради, кој е заштитен појас што треба да се прави и на кој начин тоа треба да се прави. Законот е многу лош. Сите обврски се на општината, немаме никакви финансиски средства повратно од државата, со кои ние како орган кој треба да управуваме со езерото немаме средства. Тоа е главниот проблем. Навистина треба големи измени во тој закон, бидејќи не може да управува една општина која што се соочува со мал буџет, а да обезбедува и луѓе кои ќе го штитат , кои ќе управуваат со езерото и да не зборуваме па за овие документи кои се обезбедени, чинат милионски износи и ако не беа прекуграничнните соработки и средствата од ЕУ фондовите немаше ниту да можат да се направат. Но, сега сме спремни направени се и двата документи. Студијата за валоризација којшто е прв документ за заштита на езерото, кој е донесен на Совет. Другиот чекаме одобрување од Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), каде што навистина не знам, но многу бавно се одвиваат работите во тоа министерство и се чека со години за одобрување и за отпочнување на вакви постапки. Меѓутоа, успеавме тоа. Успеавме да реализираме други проекти со „Милиеуконтакт“ и најбитно од се е тоа што успеавме да ја обезбедиме финансиската конструкција за реконструкција на колектирскиот систем и за изградба на нова пречистителна станица. Финансиска конструкција која е некаде околу 4,5 милиони евра и среќни сме што обезбедивме толку средства, наидовме и на разбирање од Владата која обезбеди некаде околу 3,5 милиони, а остатокот го обезбедивме од словенска амбасада.
Ова сето што го кажавте во врска со езерото и пречистителната и колекторскиот систем најавува дека веќе се поставени основите и дека езерото има солидна …
Единствен проблем што беше во последно време беше повлекувањето на водата поради сушнниот период и нефункционирањето на хидросистемот. Овде наидувавме на критики како локална самоуправа, меѓутоа повеќе наврати имаме напоменувано дека локалната самоуправа не го поседува хидросистемот туку тоа е надлежност на МЖСПП. Тие се тие кои треба да го одржуваат. Согласно испитувањата на експертите овој хидросистем не треба да функционира во текот на цела година туку во периодот кога има потреба за тоа. И дотурот на друга вода со различни својства може да влијае негативно на биодиверзитетот на езерото. Така што има начин како тоа да се одржува, да функционира, меѓутоа најпотребно од се е негова реконструкција бидејќи откако е изграден од 2002 година тој хидросистем не е реконструиран и реновиран.
Кога зборувавте за туристите, спомнуваат дека доаѓаат од други земји. Од каде доаѓаат посетителите, од Грција, можеби Бугарија или има?
Најмногу посетители, на дневна основа имаме од Грција бидејќи тие доаѓаат овде, пазарат, во стоматолошки ординации, по маркетите и користат поевтини услуги овде во нашата држава, пред се од соседните градови во Грција. Но доаѓаат од Бугарија, од Англија што е интересно бидејќи тие се дел од фронтовата линија овде во Дојран и тоа е огромен потенцијал за нашата општина. Огромен процент зафаќаат и српските туристи кои што се како транзит туристи, но ме радува фактот што овие туристи почнаа да остануваат на повеќе денови. Не само на едно ноќевање како што беше претходно. Има голем број на странски посетители. Треба и ние како локална самоуправа, но и државата како држава да направи една стратегија за туризам и истата да биде спроведена не само во Дојран туку и во другите туристички места. Да имаме една стратегија како држава и мора да се најде начин како овие туристички места кои се влезени на мапата да бидат повеќе финансиски поддржани од државата.
Ова прашање и одговорот ваш, практично не воведе во она што планирац да ве прашам за прекуграничната соработка. Имате контакти со соседните општини во Грција. Дали сте задоволни од прекуграничната соработка имајќи ја во предвид ЕУ, фондовите…?
Секако, ние уште од старт, мојот прв проблем беше долгот кон ЕУ кој го имаше општина Дојран заради недобро спроведени европски проекти. Тука наидовме на финансиски импликации бидејќи требаше да враќаме долг за којшто после тоа Владата ни одобри финансиски средства кои преку Министерството за локална самоуправа го исплати тој долг. Од тој момент општина Дојран можам да кажам дека со користење на консултантските услуги кои беа ангажирани, Дојран стана и лидер во искористување на тие ЕУ фондови не само од прекугранична соработка преку кои беа реализирани 3 проекти во вредност од 1 милион и 250 илјади евра туку и директно искористување на ЕУ фондовите, како што е уредувањето на централното подрачје од над 750.000 евра и низа на други проекти кои ги имаме добивано се и од туристички аспект но и од елементарни потреби за жителите. Од општина која беше во долгови станавме лидер во искористување на тие фондови и мислам дека на тоа поле доста добро работиме. Последен показател се и финансиските средства кои ги добивме од 1,2 милиони евра за прочистителната станица од словенска амбасада. Тоа се резултати на добрата работа на овој тим.
Во однос на оваа прекугранична соработка во однос на уште неколку проекти коишто се врзани и за туризмот. Неколку пати ја спомнувате „фронтовата линија“, која е од интерес на англиските и бугарските туристи. Што е фронтова линија?
Заедно со југоисточен плански регион реализиравме овој проект, односно расчистување на таа патека до фронтовата линија каде што имаме доста бункери и имаме едно место кое го нарекуваме КАЛАТЕПЕ каде што бил централниот бункер. Таму имаме уредено содржини кои може да се посетат, да се видат одредени работи. Според мене може да се направи навистина прекрасна туристичка тура која ќе биде посебна за овие туристи. И за таа намена го креиравме и новото ЈП кое треба да биде организатор на овие туристички тури, не само на оваа, туку и на низа на други тури, кои што ќе бидат интересни за постителите за да имаат туристите во 4-5 дена што да прават во Дојран, надвор од летната сезона.
Освен туризмот кои се другите предности на Дојран. Има ли интерес на инвеститорите во земјоделие, во здрава храна, бидејќи Дојран е еколошка средина…?
Самите предуслови кои ги создава климата, навлече голем број на инвеститори посебно во земјоделието. Во последните години имаме огромна инвестиција од холандска компанија во земјоделието, така што мислам дека површините кои со години стоеја веќе се дадени под концесија и истите се користат за производство на земјоделски производи. Има и се повеќе наши домашни инвеститори кои сакаат на инвестираат на ова поле. Имаме и други нели освен угостителството, хотелиерството коешто веќе функционира, имаме и одредена мала индустрија како што е Дојран Стил, фабрика за амортизери итн. Дојран има потреба од работна сила, посебно за летниот период доаѓаат многу луѓе надвор од нашата општина кои доаѓаат и работат тука. А и во самата фабрика каде што од целиот регион доаѓаат да работат бидејќи има 400-500 вработени во Дојран Стил којашто е грчка инвестиција. Има доста работа во нашата општина и мислам дека по она што го гледаме и по стандардот кој е овде дека го надминуваме просекот на просечната плата во Македонија.