Милитантната група Хути во Јемен нема да го напаѓа Израел откако ќе стапи на сила прекинот на огнот договорен меѓу Израел и Хамас, најави портпаролот на групата која е поддржана од Иран.
Хутите изјавија дека го поддржуваат примирјето во Газа и дека тие ќе ги прекинат нападите врз трговските бродови во Црвеното Море, под услов САД и Велика Британија да престанат да напаѓаат цели во Јемен.
Лидерот на Хутите, Абдул-Малик ал-Хути претходно изјави дека доколку Израел не го почитува прекинот на огнот, тогаш и нивните напади ќе продолжат.
Прекинот на огнот меѓу Израел и Хамас треба да започне од 8 и 30 утре по локално време, соопштија од Катар, кои беа посредници во постигнување на договорот.
Од почетокот на конфликтот во Газа, Хутите постојано го напаѓаа Израел и меѓународните трговски бродови за поддршка на Хамас.
Како одговор, Израел, САД и Велика Британија постојано напаѓаа цели на Хутите во Јемен.