Русија: Германија може да стане страна во војната ако испрати ракети Таурус

Германија би можела да стане страна во конфликтот во Украина доколку му испорача на Киев крстосувачки ракети со долг дострел Таурус, предупреди денеска портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова.

Како што пренесе ДПА, доколку се користат проектили Таурус против инфраструктурни цели во Русија, „тоа ќе се смета за директно учество на Германија во непријателствата на страната на режимот во Киев, со сите последици што тоа ги носи за Германија“, рече Захарова.

– Конзервативниот политичар Фридрих Мерц кој сигурно ќе биде следен германски канцелар, треба да го има ова на ум, рече Захарова.

Мерц во телевизиско интервју рече дека, во консултација со европските партнери, е отворен на Украина да и испорача крстосувачки ракети со дострел до 500 километри.

Тој, исто така, рече дека уништувањето на рускиот мост до анектираниот полуостров на Црното Море Крим може да биде од корист за Украина. Таурус се сметаат за соодветно оружје за таа намена.

Владата на Мерц треба да положи заклетва на 6 мај.

Германскиот канцелар во заминување Олаф Шолц ги одбиваше барањата на Украина за Таурус за време на неговиот мандат.

На својата неделна прес-конференција, Захарова, исто така, ги отфрли идеите изнесени од Париз и Лондон за подобрување на безбедноста на Украина во случај на прекин на огнот со Русија, вклучително и испраќање европски мировен контингент. Таа го нарече тоа „луд план“. 

Зачлени се на нашиот е-билтен