Копман: Македонија е самоблокирана затоа што не сака да го направи она што знае дека треба да се направи

Копман

Генералниот директор за проширување и источно соседство во Европската комисија, Герт Јан Копман, оцени дека застојот во пристапниот процес на Северна Македонија не е блокада во Советот на Европската Унија, туку последица на тоа што земјата сè уште не ги исполнила условите за продолжување на преговорите. Тој порача дека без уставните измени нема да може да се отвори првиот кластер и дека одлуката за придвижување на процесот зависи од македонските власти.

„Блокадата не е во Советот на ЕУ. Блокадата е во земјата“, изјави Копман во интервју за „Балканс дебриф“ на Атлантскиот совет.

На прашањето на новинарката Илва Таре дали постои можност да се надмине застојот по 17 години од првата препорака на Европската комисија за почеток на преговорите со Северна Македонија, Копман ја оспори оценката дека пречката е во Советот на ЕУ. Откако Таре појасни дека мисли на бугарското вето, тој одговори дека станува збор за поширока позиција на Унијата.

„Тоа не е само бугарско прашање. Тоа е став на ЕУ. Тоа е дел од заклучоците на Советот“, рече Копман.

Уставните измени остануваат клучен услов

Според Копман, покрај уставните измени, Северна Македонија треба да усвои и патокази и акциски план за малцинствата, за кои оцени дека се во напредна фаза на подготовка.

Сепак, тој беше дециден дека без измена на Уставот нема да има придвижување кон отворање на првиот кластер во пристапните преговори.

„Но, без уставната измена, процесот едноставно нема да оди напред. Тоа навистина зависи од самата земја“, изјави генералниот директор за проширување во Европската комисија.

Копман призна дека Северна Македонија поминала долг европски пат и се соочила со повеќе билатерални прашања. Тој, истовремено, оцени дека земјата покажала капацитет за спроведување реформи преку исполнувањето на обврските во рамките на Планот за раст во текот на оваа година.

Но, според него, техничкиот и административниот капацитет не се доволни ако нема политичка одлука за исполнување на преостанатите услови.

„Не ја блокира земја членка. Блокирана е затоа што досега не сака да го направи она што знае дека треба да се направи“, рече Копман.

На директното прашање дали топката е кај Скопје, тој одговори потврдно.

ЕК разговара со сите, но одлуката е политичка

Копман рече дека Европската комисија продолжува да разговара со сите засегнати страни за да се најде решение, но нагласи дека станува збор за политички избор на суверена држава.

„Никој не може да ја принуди, ниту сака да ја принуди земјата да направи нешто што не е подготвена да го направи“, изјави тој.

Неговата порака доаѓа во услови кога Северна Македонија сè уште не го отворила првиот кластер од пристапните преговори, а уставните измени остануваат главниот услов за продолжување на процесот според утврдената рамка на ЕУ.

Можност за нови патокази во 2027 година

Копман се осврна и на можноста Северна Македонија и Србија во пакетот за проширување за 2027 година да добијат индикативни патокази за понатамошниот пристапен процес. Такви патокази годинава добија Црна Гора, Албанија, Молдавија и Украина.

Тој посочи дека услов за оваа можност е да има напредок во преговорите.

„Годинава немаше напредок во преговорите ниту со Србија ниту со Северна Македонија. Но, следната година може да биде сосема поинаква. Сосема е можно двете земји да добијат патокази“, рече Копман, оценувајќи дека двете располагаат со силен административен капацитет за брзо напредување доколку имаат политичка волја.

Пораката од Европската комисија е дека можноста за напредок останува отворена, но дека таа зависи од исполнувањето на условите и од политичките одлуки во Скопје.

Рацин.мк ве прашува:

Кој најмногу придонесува говорот на омраза да стане нормална појава во Македонија?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Кој најмногу придонесува говорот на омраза да стане нормална појава во Македонија?