Во просториите на Универзитетот „Фан Ноли“ во албанскиот град Корча, денеска беше презентиран завршетокот на проектот „Културното наследство на етничките и јазичните малцинства во Округот на Корча“.
Во рамки на оваа активност беше претставена научната студија произлезена од проектот, посветена на македонското, влашкото, ромското и египќанското малцинство кои, како што беше констатирано, единствено реално живеат во овој округ.
Во делот посветен на македонското малцинство, во студијата, се нагласува дека тоа претставува заедница со длабоки историски корени и силен колективен идентитет, кој е пренесуван од генерација на генерација, и покрај политичките, социјалните и економските предизвици низ годините.
„Зачувувањето, документирањето и промоцијата на културното наследство на македонското малцинство не е само внатрешна потреба за заштита на идентитетот, туку и морална, политичка и правна обврска на албанската држава – за гарантирање еднаквост, вклученост и меѓусебно почитување“, се препорачува во студијата.
Настанот го поздравија ректорот на Универзитетот „Фан Ноли“, Лоренц Економи, претседателот на Советот на Округот на Корча, Ерион Неџипи, како и претставници на институции и на самите малцинства.
Во име на македонското друштво „Сонце“, присутните ги поздрави Васил Стерјовски.
„Македонската заедница, како автохтона заедница во Преспанскиот регион, ужива богато и повеќеслојно културно наследство. Таа знаела со посветеност и гордост да го зачува македонскиот јазик, традициите, обичаите, фолклорот и духовните вредности кои ја обележуваат“, рече тој.
Додаде дека еден од најсилните изрази на оваа традиционална култура секако се народните носии, кои во Преспа имаат вековна традиција.
„Тие не претставуваат само материјален дел од идентитетот на македонското малцинство во Албанија, туку и важна гранка на народната уметност што во себе носи историја, естетика и културна припадност. Носиите се пренесувани од генерација на генерација, одразувајќи ги бројните влијанија кои се испреплетувале во овој дел на Балканот“, нагласи Стерјовски.
Според него, фолклорот на македонската заедница во Преспа, развиван низ вековите, опфаќа големо духовно и материјално богатство: обичаи, ритуали, преданија, а особено народни песни и ора – кои се најсилните и најприродните изрази на идентитетот и колективниот дух на оваа заедница.
„Затоа, учеството на овој настан не претставува само можност за претставување на тоа наследство, туку и повик да се заштити, вреднува и пренесе на новите генерации. Ви благодариме за поканата и за вклучувањето на македонската заедница во оваа толку важна иницијатива за зачувување на културниот мозаик на Корчанскиот округ и пошироко“, изјави Стерјовски.
Во холот на Универзитетот „Фан Ноли“ се одржа и саем посветен на културното наследство на етничките и јазичните малцинства од округот, на кој своето богатство го претставија македонското, влашкото, ромското и египќанското малцинство.
Македонското друштво „Сонце“ се претстави со традиционални носии од Преспа, ракотворби изработени од жени од Преспа, брошури, разгледници и други промотивни материјали.
Проектот беше поддржан од Агенцијата за научни истражувања и иновации, а спроведен од страна на група професори од Универзитетот „Фан Ноли“.
Во рамките на теренските активности, како што самите тврдат во студијата, ги евидентирале малцинствата кои реално живеат во Округот на Корча и нивното културно наследство а тоа се македонското, влашкото, ромското и египќанското.