Зоран Ристовски избран за директор на МРТ

Програмскиот совет на Македонската радио-телевизија (МРТ) ја информираше јавноста дека Зоран Ристоски е избран за нов директор на јавниот сервис.

Според објавата, одлуката била донесена по спроведена постапка во која пресуден бил квалитетот на понудената програма за работа.

За да се обезбеди непристрасност, изборот се одвивал по принцип на анонимност – програмите биле доставени под шифра, без членовите на Советот да имаат увид во идентитетот на кандидатите. По изборот на најдобро оценетата програма, бил отворен ковертот и бил утврден идентитетот на кандидатот.

По утврдувањето дека Ристоски ги исполнува законските услови и има комплетна документација, Програмскиот совет ја потврдил одлуката, нагласувајќи дека процесот бил спроведен согласно Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

Сепак, претходни во јавноста со месеци се вртеше информацијата дека токму Ристовски ќе биде избран на оваа функција. 

Од Советот упатија очекувања новиот директор да ја извршува функцијата професионално, со фокус на зајакнување на улогата на МРТ како јавен сервис, унапредување на програмските содржини и подобрување на условите за работа на вработените.

Зачлени се на нашиот е-билтен