Диого Жота загина во сообраќајна несреќа во Шпанија: Ливерпул и фудбалскиот свет во жалост

Португалскиот напаѓач на Ливерпул, Диого Жота (28), загина ноќеска во тешка сообраќајна несреќа во шпанската покраина Замора, додека бил на меден месец две недели по свадбата со долгогодишната партнерка Руте Кардосо.

Според првичните информации објавени од шпанските и британските медиуми, Жота патувал со својот брат Андре (26), исто така професионален фудбалер, кога возилото излетало од коловозот и се запалило. Несреќата се случила кратко по полноќ; сведоци кои се јавиле на линијата за итни случаи 112 пријавиле дека автомобилот бил во пламен кој брзо се проширил и на околната вегетација.

Екипите на Пожарната служба, сообраќајната единица на Цивилната гарда и итната медицинска помош пристигнале на местото, но можеле само да ја констатираат смртта на двајцата браќа.

Жота се ожени за Кардосо на 22 јуни 2025 година, а парот има три деца. Помалку од ден пред трагедијата, напаѓачот објави видео на кое се гледа како ужива со сопругата на морскиот брег.

Кариерата на Жота, кој од 2020 година настапуваше за Ливерпул, беше испреплетена со бројни успеси – вклучително и победата во ФА Купот и Лига купот, како и неколкуте клучни погодоци во Премиер-лигата и Лигата на шампионите. За португалската репрезентација запиша 56 настапи и 17 голови.

Од кампот на Ливерпул засега нема официјално соопштение, но се очекува клубот во текот на денот да се огласи за трагичниот настан. Во меѓувреме, фудбалските федерации на Португалија и Англија изразија длабоко сочувство до семејството и најавија минута молк на претстојните натпревари.

Со ненадејното заминување на Диого Жота, фудбалот загуби еден од своите најталентирани и најхаризматични играчи, а навивачите ширум светот денес тагуваат по ѕвездата која на теренот секогаш играше со срце.

Зачлени се на нашиот е-билтен