Не патувајте во САД-се повеќе земји препорачуваат да се избегнува Америка

WIKIPEDIA

Сѐ поголем број земји, вклучително и традиционални сојузници на САД како Австралија, Канада и Обединетото Кралство, ги предупредуваат своите граѓани за зголемените ризици при патување во САД, јави Јаху њуз.

Австралија во јуни го ажурираше своето безбедносно предупредување, наведувајќи опасности од вооружено насилство, граѓански немири и непредвидливо спроведување на имиграциски правила. Иако предупредувањето останува на најниско ниво (применувајте вообичаени мерки на претпазливост), се советува зголемена внимателност на јавни места, трговски центри и транспортни јазли.

Нов Зеланд го подигна нивото на тревога на „внимавајте дополнително“, поради случаи во кои патници биле задржани или вратени поради несогласување во документацијата.

Канада додаде предупредувања за насилен криминал и масовни престрелки во големите градови како Њујорк, Лос Анџелес и Чикаго, како и за зголемен ризик од трговија со дрога во близина на границата со Мексико.

Германија, Франција, Данска и Финска издадоа предупредувања поврзани со новите американски политики за родовите ознаки во патните документи. Од јануари, патниците со “X” или небинарна ознака во пасошот може да се соочат со одбивање на влез.

Обединетото Кралство оди чекор понатаму: Министерството за надворешни работи предупредува дека и најмала административна грешка може да доведе до депортација, при што напомнува дека законите значително се разликуваат меѓу сојузните држави.

Според Светскиот совет за туризам и патувања (WTTC), овие предупредувања би можеле да придонесат за загуба од 12,5 милијарди долари во приходи од странски туристи во САД во 2025 година – што е сериозен удар за градовите кои зависат од туризмот.

Зачлени се на нашиот е-билтен