Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

ИНТЕРВЈУ Срѓан Јаниќијевиќ: Од надвор изгледа смешно, ама ако пукне меурот станува страшно

Преставата „Веќе не е ни смешно“ на Срѓан Јаниќијевиќ ја полни салата во театарот Комедија. Текстот е на Сашо Кокаланов, костимите на Лидија Георгиева, сценографка е Марија Ветероска, а светлото на Илија Тарчуговски. Игор Василев – Новоградска ја напиша музиката за преставата, а во неа играат: Атанас Атанасовски, Тино Костадиновски, Сергеј Димовски, Тони Денковски, Жаклина Петровска и Виктор Арсов.

Трн: Зошто веќе не е ни смешно и зошто „Веќе не е ни смешно“?

Срѓан: Сите станаа кловнови. Хуморот е задолжителен. Кога сите се смешни, повеќе ништо не е смешно. Е тоа, за нас беше многу смешно. 

Трн: Ако веќе не е ни смешно тогаш какво е?

Срѓан: Некои би рекле апсурдно, ама само е глупаво. Колку поглупаво толку подобро. Секоја будала има и шупак и мислење. Ама шупците ги кријат, а мислењето е тоа што треба да го кријат.

Трн: Како тогаш играте комедија кога веќе не е ни смешно?

Срѓан: Смешно. Се исмеваме со она што „не е ни смешно.“ И тоа станува многу смешно. Добриот хумор ослободува, прочистува и лечи. За разлика од тоа лошиот хумор вади гнев, примитивизам, агресивност, фрустрација. Лошиот хумор е сериозно оружје кое е многу опасно кога било кој ракува со него. За тоа се исмеваме со него.

Трн: Кои ситуации од реалноста ги носите до апсурд?

Срѓан: Реалноста е апсурдна, ние само ја покажавме во вистинско светло. Убаво е кога ќе насмееш полна сала. Слично како кога ќе нахраниш чета гладни луѓе со јадење кое не го пробале до сега. За тоа сакам комедија. Резулататот е видлив. Или е смешно или не е. 

Трн: Има ли двосмисленост во преставата за преобликување на реалноста?

Срѓан: Нема ништо од тоа. Која ралност?!  Мнозинството  живее во некој сопствен меур на реалност кој е пародија на реалноста. Во меурот – примитивизам, омраза, незнаење, умислени величини и многу придушено насилство. Од надвор изгледа смешно, ама ако пукне меурот станува страшно. За тоа ја сакам комедијата. Таа суштински може да „преобликува“ како што кажуваш. Добрата комедија е најголемата цивилизацијска придобивка зошто се темели на слободата. Само слободен човек може да е вистински духовит. Ете и самиот збор духовит го содржи зборот дух. А духот мора да е слободен. 

Трн: Како ги режираш општествените процеси во животот?

Срѓан: Студно и рационално. Со две лажички хумор ако е можно.

Трн: Ако веќе не ни е смешно, дали се изгуби смислата?

Срѓан: Не е смислата паричка па да се изгуби. Туку сакаме да бидеме мрзливи, неодговорни и да се предадеме. Така е полесно. Полесно е кога ќе кажеш – се изгуби смислата; Немаш одговорност. Дремеш во тоа лимбо, вегетираш во мемливата досада и очај. Состојба во која секогаш некој друг е крив. Ќе ја прегрнеш просечноста и блуеш ефтин цинизам, беден хумор или патетични ламенти за големи наративи кои смрдат на расипаност и лага од далеку. Тоа е лесно. Ништо не бара. Само од себе се храни. Смислата  бара да се потрудиш, да инвестираш, бара љубов, енергија, истрајност, креативност, а само смислата те прави среќен, слободен и исполнет.

Трн: Кои прашања и ги постави на публиката за да сфати дека сепак се уште постои нешто што е смешно?

Срѓан: Прашањата ги поставувам во претставата. А не е убаво да правам spoiler-и. 

Трн: После преставата публиката е насмеана или погодена од вистината?

Срѓан: Ќе ти цитирам еден твит од личност која ја гледала претставата, кој мислам дека точно одговара на ова прашање – „Уште сум под импресии од “Beќe не е ни смешно”. Два часа непрекинато се смеев, за денес да немам веќе воспаление на образи и дијафрагма, туку кнедла во грло од нокаутот на крај.“ И благодарам за ова. 

Трн: Што ти преставува концептот, на каков начин ја создаваш приказната и која е пораката на преставата?

Срѓан: Не сакам јас такви интелектуализирања како концепт, метод, стил… Мразам попување на сцена. Најсреќен сум кога сум невидлив во претставата, кога актерите мислат дека идеите се нивни. Тие и сѐ нивни, јас само сум ги засадил во нив. Така се создава совршена синергија која произведува точна и искрена емоција на сцена. Тоа за мене е најважно во театар. За тоа мора да имаш добра екипа која не треба да верува во мене туку во проектот. Театар Комедија е еден од ретките кој има таков ансамбл. Ансамбл кој од една страна работи како еден организам, а од друга страна секој актер сам по себе е доволно моќен сам да се износи со предизвикот на актерски сериозно комплексните сцени. Автор на комедијата „Веќе не е ни смешно“ е Сашо Кокаланов со кого веќе неколку години соработуваме, па така, лесно ни беше приказната да ја фокусираме на исмевање на најболните будалаштини во овој апсурден свет.

Трн: Дали оваа ти е престава фаворит, или списокот ти е подолг?

Срѓан: Секоја последна претстава ми е фаворит. Затоа што секогаш сакам летвичката да ја подигам повисоко и повисоко. Сите мои претстави се целосно различни. И естетски и тематски. Тоа ми е предизвик. Да барам нови изразни средства. Да експериментирам со нова естетика. Мразам референци (иако тоа веќе стана систем). Сакам да создавам нови и истите да ги срушам. Секоја претстава ми е како прв пат да работам. Ако некогаш го изгубам тој drive ќе се откажам од оваа работа. 

Трн: Во која престава би си го режирал својот живот и кој актер би те изглумил?

Срѓан: Зошто би сакал некој да ме игра? Па имам јас солидна актерска кариера, ха ха ха… Ај сега ќе се обидам сериозно да одговорам. Не би сакал да живеам живот од која било претстава. Ниту еден лик во која било претстава нема убав живот, без оглед на жанрот. Сите ликови независно дали е комедија, мелодрама, трагедија, имаат огромни проблеми. Имаат ужасен живот што никој не би го посакал. Ако не им се такви животите нема да има ни драма. Ама ако баш мора еве, го избирам Дон Жуан. 

Трн: На кој режисер би му прифатил главна улога за ти да ја одиграш?

Срѓан: Најверојатно на секој. Ама најмногу на Вес Андерсон. Сигурно е забавно кај него на снимање. 

Трн: Има ли шанса театарот или и таму ситуацијата е „веќе не е ни смешно?

Срѓан: Две сали од „Веќе не е ни смешно“ беа речиси целосно продадени за само три дена, еден месец однапред. Претстава која е нова и само три пати одиграна. Тоа ми е одговорот за шансите на театарот. Театарот може да го уништат само малоумни културни политики, па дури ни тие најверојатно, ама може да му зададат сериозен удар. Наше е тоа да не им успее.

Редакција Трн

Зачлени се на нашиот е-билтен