Стефановски по искачувањето на Килиманџаро: Незаборавно искуство, најважно е самото патување, од првиот до последниот момент

Планинарот, алпинист и основач на планинарскиот спортски клуб „Поларис“ од Куманово Бобан Стефановски, неодамна се искачи на највисокиот врв на вулканот Килиманџаро, Ухуру (5.895. м н. в.), кој воедно е и највисоката точка во Африка.

Експедицијата траела скоро две недели. Стефановски бил единствениот претставник од Македонија во групата од 14 планинари од Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија и од Унгарија.

И по враќањето, Стефановски во мислите сè уште е во Африка, во Танзанија, искачувајќи се по пределите на Килиманџаро. За него, ова не е само уште еден освоен врв, туку доживување што ќе го памети засекогаш. Пределите како што раскажува биле восхитувачки, посебна приказна која го воодушевила. За него секој врв, планина, качување и експедиција се различни сами по себе. За Килиманџаро вели дека е посебно доживување, самата експедиција во Африка и искачувањето на највисоката точка на стариот континент. Пределите се менувале од дождовна шума, преку висорамнини, пустина, сипар, карпи и снег и мраз.

За Стефановки комплетно изненадување е што Килиманџаро воопшто не била планина за потценување и нималку лесна како што ја опишувале другите.

– Поминаа точно две години од мојата последна експедиција на Кавказ, на врвот Казбек (5.054м.) кој и до денес ми е омилен од сите експедициски врвови. Зошто Килиманџаро? Првин затоа што е еден од врвовите кои го сочинуваат предизвикот „Seven Summits“, највисоката точка на стариот континент, а и затоа што е еден од најживописните врвови што постојат. Секој ден од искачувањето кон врвот е на различен предел, со различна опрема и со различни пејзажи, детали и моменти, раскажува Стефановски.

Искачувањето на Ухуру не барало користење на техничка опрема, туку исклучителна психо-физичка издржливост, постојаната угорнина која Стефановски ја опишува како тивко одземање на силата, заморување. Најтешко му било на крајот, на последниот ден.

-Попладнето се стига до домот Кибо, кој е на височина од 4.700 м н.в. каде што се прави пауза од неколку часа и околу полноќ, се тргнува за врвот. Е тука е најголемиот проблем – веднаш од домот почнува стрмно искачување низ сипар и карпи, во должина од километри со висинска разлика од околу 1.000 метри. Тоа е една вертикала, која буквално е границата каде многу луѓе едвај и да стигнат до височина од 5.000 метри, се откажуваат и се враќаат назад. Дополнително тешко е тоа што сите претходни денови се оди константно и се качува висинска разлика секој ден, и е во незгоден дел од ноќта каде телото уште не е физички одморено од претходните денови. И тука стапува на сила искуството и менталната подготвеност. Ако си доволно ментално подготвен и доволно искусен, притоа знаејќи ги сите опасности кои демнеат, и ако си свесен и веруваш во себе, нема да имаш проблем на тој дел, вели Бобан.

На такви планини, најголема опасност е висинската болест, или позната уште како „mountain sickness“, појава која се јавува при недостаток на кислород во воздухот, на големи височини од над 3.000-3.500 метри надморска височина.

– Аклиматизацијата е најважниот фактор за експедициско искачување. Можете да бидете физички најсилниот човек на светот и ментално најподготвениот, меѓутоа ако не сте добро аклиматизирани, планината нема да ви дозволи да се качите и при првите симптоми ќе мора да се спуштате веднаш надолу. Освен висинската болест, промена на временските услови е, исто така честа појава, бидејќи на такви високи врвови, скоро и да не може да се предвиди времето, вели Бобан.

Него го воодушевиле и локалците кои ги опишува како питоми, скромни и крајно пријателски настроени луѓе кон планинарите. Во секој момент подготвени да помогнат, насмеани и позитивни.

– Имаме многу што да научиме од тие луѓе таму. По искачувањето, откако се вративме во гратчето Аруша, имавме еден ден одмор и потоа заминавме на сафари во кратерот Нгорогоро. Тоа е едно огромно заштитено подрачје и светско наследство на УНЕСКО, место каде може да се сретнат изолирани села на племето Масаи, обично пред влезот на кратерот. Додека бевме на сафари, сретнавме лавови, слонови, нилски коњи, носорози, антилопи, хиени, зебри, гнуа … Доста е богат животинскиот свет во кратерот, вели Стефановски.

Стефановски е искусен планинар и досега се искачил на Мон Блан (4.810м.), Гран Парадизо (4.061м н.в.), Зумштајншпиц (4.563м.), Брајтхорн (4.164м.)-алпски врвови, врвот Арарат (5.137м.) во Турција, Дамаванд (5.609м.) и Колун Бастак (4.137м.) во Иран, како и нему омилениот Казбек (5.054м.) на масивот Кавказ на самата граница меѓу Русија и Грузија и речиси сите врвови на Балканот.

Од планините на Балканот до врвот на Африка, Бобан Стефановски ги руши лични граници. Искачувањето на различните врвови за него е личен предизвик и процес на надминување на сопствените граници.

Искачувањата го учат на трпение, дисциплина и посветеност. Стефановски порачува дека со јасна цел, труд и со почит кон природата и себеси, секоја височина е достижна. 


Александра Максимовска


Фото: Приватна архива на Стефановски

Зачлени се на нашиот е-билтен