Најевтиниот all inclusive одмор за лето 2026, според новите туристички споредби, не е во Грција, Турција или Тунис, туку во Бугарија, каде регионот Бургас на брегот на Црното Море се искачи на врвот на листата за најповолни летни аранжмани.
Истражувањето на TravelSupermarket ги споредило пакетите за ова лето и покажало дека Бугарија ја презела титулата од Тунис, кој минатата година важеше за најевтина all inclusive дестинација, но сега испаднал од првите десет.
Најпознатата точка во регионот Бургас е Сончев Брег, најголемото бугарско летувалиште, со долги песочни плажи, хотели со базени и аква паркови, ноќен живот и понуди што често се пониски од оние во популарните грчки и турски летувалишта.
Според објавените податоци, all inclusive аранжмани за Сончев Брег во средината на јуни може да се најдат од околу 289 евра по лице, додека во јули цената расте и се движи околу 612 евра. Тоа ја прави Бугарија особено привлечна за семејства што сакаат море, хотел, храна и пијалаци во една цена, без секојдневно пресметување на дополнителни трошоци.
Предноста не е само во хотелските пакети. Во Бугарија и трошоците надвор од хотелот се пониски: сладолед може да се купи за околу 1,40 евра, семеен ручек чини приближно 32 евра, а вечера од три јадења за двајца околу 25 евра.
Освен Сончев Брег, туристите често ги избираат и Несебар и Созопол. Несебар е познат по старото градско јадро, камените улици и историската архитектура, додека Созопол нуди помирна атмосфера и традиционален приморски амбиент.
Зад Бугарија на листата се нашле Менорка во Шпанија, Бодрум и Анталија во Турција, како и Родос во Грција. Дел од овие дестинации годинава имаат пониски цени од минатото лето, но Бугарија во моментов најсилно ја добива битката меѓу цена, плажа и хотелска понуда.
Затоа летото 2026 може да донесе мала промена во навиките на туристите. Додека многумина по инерција прво гледаат кон Грција, Турција или Египет, најевтиниот одмор со „сè вклучено“ оваа сезона се крие многу поблиску, на бугарскиот брег на Црното Море.
