Деветти август 1945 година останува запишан како еден од најмрачните датуми во историјата. Во 11:02 часот, американскиот бомбардер B-29 Bockscar ја фрли атомската бомба „Fat Boy“ врз јапонскиот град Нагасаки. Во нападот загинаа околу 74.000 луѓе, само три дена по уништувањето на Хирошима, кога беше употребена првата атомска бомба во војна.

Атомските напади врз Хирошима и Нагасаки беа врв на шестгодишен таен научен проект, познат како „Проект Менхетен“. Инициран во 1939 година, а официјално започнат во 1942 година, проектот беше предводен од американскиот физичар Роберт Опенхајмер, со тим од врвни научници од САД, Велика Британија, Канада и Европа.

Мотивот за развој на атомската бомба беше стравот дека нацистичка Германија би можела прва да дојде до такво оружје. Во проектот беа вложени две милијарди долари, а првата успешна нуклеарна проба — Trinity — беше изведена на 16 јули 1945 година во пустината во Ново Мексико.
По капитулацијата на Германија во мај 1945 година, Соединетите Држави се насочија кон завршување на војната со Јапонија. На 26 јули, на конференцијата во Потсдам, САД, Велика Британија и Кина му упатија на Јапонија последен повик за безусловна предавање, заканувајќи се со „брзо и целосно уништување“. Јапонија го игнорираше ултиматумот.

На 6 август, бомбардерот Enola Gay ја фрли бомбата „Little Boy“ врз Хирошима, убивајќи околу 140.000 луѓе до крајот на годината. Само три дена подоцна, следуваше Нагасаки. „Fat Boy“ — бомба со плутониумска јадрена компонента — експлодира на висина од 470 метри над градот, предизвикувајќи невидена катастрофа.
На 15 август 1945 година, јапонскиот цар Хирохито го објави крајот на војната, а формалната капитулација беше потпишана на 2 септември. Со нападите врз Хирошима и Нагасаки, светот влезе во нуклеарната ера. Четири години подоцна, на 29 август 1949 година, Советскиот Сојуз ја тестираше својата прва атомска бомба, започнувајќи ја глобалната трка во вооружување.

Повеќе од 200.000 луѓе загинаа во двата напада, а преживеаните — познати како хибакуша — со децении се бореа со тешки физички и психолошки последици, како и со социјална стигма. Нивните сведоштва и денес служат како потсетник на „незамисливиот ужас“ кој нуклеарното оружје може да го донесе.