Нафтата повторно расте, Трамп си игра со светската економија

Цената на нафтата повторно тргна нагоре откако мировните разговори меѓу САД и Иран влегоа во застој, а пазарите повторно ја пресметуваат опасноста од подолг прекин на испораките преку Ормускиот Теснец. На меѓународните берзи, суровата нафта „брент“ се искачи за речиси три проценти и достигна околу 108 долари за барел, највисоко ниво во последните три недели, додека американската WTI се движеше околу 97 долари за барел.

Растот доаѓа во момент кога дипломатските сигнали од Вашингтон и Техеран не покажуваат брз пробив. Иран испрати предлог за отворање на Ормускиот Теснец и прекин на војната, но нуклеарните разговори би биле оставени за подоцнежна фаза. Таквиот редослед засега не донесе јасен договор, а пазарите реагираат на секоја порака што може да значи продолжување на ограничувањата во еден од најважните енергетски коридори во светот.

Ормускиот Теснец е клучна точка за глобалната трговија со нафта и течен природен гас. Кога движењето таму е ограничено или несигурно, цената на енергенсите брзо реагира, бидејќи рафинериите, трговците и државите што зависат од увоз почнуваат да ја пресметуваат можноста за недостиг, поскап транспорт и подолги рути.

Дополнителен притисок создава и фактот што дел од испораките од Персискиот Залив веќе се нарушени. Аналитичарите предупредуваат дека ако застојот продолжи, поскапувањето нема да остане само на берзите, туку може постепено да се прелее и во цените на горивата, транспортот, производството и дел од основните трошоци на компаниите.

За Македонија, ефектот нема да биде автоматски и ист ден, но ќе се следи преку пресметките на Регулаторната комисија за енергетика. Во моментов, според објавените цени на РКЕ, ЕУРОСУПЕР БС-95 се продава по 80,5 денари за литар, ЕУРОСУПЕР БС-98 по 82,5 денари, а дизелот по 94 денари за литар.

Доколку глобалниот раст на нафтата продолжи, домашните цени може повторно да бидат под притисок при следните одлуки. Најчувствителен останува дизелот, бидејќи директно влијае врз транспортот, земјоделството, снабдувањето и крајните цени на дел од производите. Во изминатите недели цените во Македонија веќе се менуваа неколку пати, а последната одлука донесе поевтинување од 1,5 денар за литар кај бензините и дизелот.

Зачлени се на нашиот е-билтен