Буковина, малку познат регион во Романија, е прогласен за најпотценета туристичка дестинација во светот за 2027 година, според новото рангирање на „Тајм аут“, кое го пренесе „Еуроњуз“.
Во време кога познатите европски градови сè повеќе се соочуваат со прекумерен туризам, ваквите листи откриваат дека сè повеќе патници бараат места што не се претворени во масовни туристички сцени. „Еуроњуз“ пишува дека популарни дестинации како Венеција или Барселона се сакани со причина, но кога бројот на посетители почнува негативно да влијае врз животот на локалното население, време е да се размислува и за алтернативи.
Токму во таков контекст на врвот се искачи Буковина. Според описот, овој романски регион има „иста дива планинска природа, стари традиции и архитектура што остава без здив“ како многу попознатата Трансилванија, но без истите гужви.
Буковина е позната и како порта кон Via Transilvanica – пешачка патека долга 1.400 километри што последниве години привлекува сè поголемо внимание кај љубителите на активен и поинаков туризам.
На европската листа високо се пласирале и астуриските градови во Шпанија, кои се на третото место, а меѓу препорачаните се издвојуваат Овиедо, Хихон и Авилес, особено за љубителите на храна. Шестото место го зазеде Замбужеира до Мар во Португалија – крајбрежно место со плажа со сино знаме и без вообичаени туристички метежи, освен за време на голем музички фестивал.
На деветтото место е Carry-le-Rouet во Франција, дестинација што според споредбите нуди атмосфера слична на поелитните француски приморски места, но со поумерени цени.
Во топ 10 листата глобално, „Еуроњуз“ наведува дека по Буковина следуваат Саут Дакота во САД, астуриските градови во Шпанија, Оса Пенинсула во Костарика и други помалку комерцијализирани дестинации.
Овој избор не е само туристичка препорака, туку и индикатор за поширок тренд: дел од патниците веќе не бараат само славни локации, туку места со мир, локален карактер и чувство дека откриваат нешто навистина свое.
За регионот тоа е особено интересно, бидејќи Романија како соседна земја на Балканот сè почесто влегува во меѓународните туристички препораки, но без агресивна промоција и масовна комерцијализација.

