Синдикалната кошница надмина 70.000 денари, храната стана поскапа од минималната плата

Фото: Roboflow Universe

Синдикалната минимална кошница за октомври 2026 година достигна 70.358 денари, со што трошоците за живот на едно четиричлено семејство се зголемија за 926 денари за само еден месец. Само за храна и пијалаци се потребни 26.170 денари, сума што го надминува износот на минималната плата во државата.

Според пресметките на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), вредноста на кошницата во октомври бележи раст во однос на септември, кога изнесуваше 69.432 денари.

Податоците покажуваат дека минималната плата од 26.046 денари веќе не е доволна ниту за покривање на месечните потреби за храна и пијалаци, за кои сега се потребни 124 денари повеќе од овој износ.

Трендот на раст е забележлив и при споредба со почетокот на годината. Во јануари 2026 година вредноста на кошницата изнесуваше 66.413 денари, од кои 24.211 денари беа наменети за прехранбени артикли и пијалаци. За десет месеци вкупните трошоци се зголемени за 3.945 денари.

Од ССМ посочуваат дека за покривање на основните месечни потреби сега се неопходни една просечна и една минимална плата. Тоа значи дека во четиричлено семејство со двајца вработени речиси целиот месечен приход се троши исклучиво за преживување, без простор за покривање на останатите трошоци како сметки, превоз, лекови и облека.

Синдикатот бара платите да обезбедат достоинствен живот наместо работниците секој месец да бидат принудени да кратат од основните потреби.

Рацин.мк ве прашува:

Кога очекувате комплетно завршување и пуштање во употреба на автопатиштата?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Кога очекувате комплетно завршување и пуштање во употреба на автопатиштата?