Климатските промени нѐ разболуваат, октри анализа спроведена во 845 градови

Климатските промени го зголемуваат здравствениот притисок врз европските градови, покажува извештајот на Lancet Countdown Europe за 2026 година, објавен во септември. Истражувачите процениле пораст на смртноста поврзана со жештините во 834 од 845 анализирани градови, односно во 98,7 отсто од нив.

Просечната годишна стапка била повисока за 82 смртни случаи на милион жители во периодот 2015–2024, споредено со 1991–2000 година. Најтешко се погодени јужноевропските градови, каде што проценетиот пораст изнесува 160,6 отсто.

Густата изградба и урбаните топлински острови дополнително ја засилуваат изложеноста на жештини. Особено ранливи се постарите лица, децата, работниците на отворено и луѓето со ниски приходи, наведува истражувачкиот конзорциум.

Промените се чувствуваат и преку алергиите. Концентрациите на полен од алергени дрвја во јужните и источните европски градови повеќе од двојно се зголемиле меѓу двата споредувани периода, зголемувајќи ја изложеноста на луѓето со алергиски ринитис.

Потоплите води отвораат и дополнителен простор за бактериите од родот Vibrio. Европскиот центар за превенција и контрола на болести објаснува дека тие природно се присутни во крајбрежните води, особено во потопла вода со пониска соленост. Инфекција може да настане преку изложена рана или со консумирање контаминирани сурови и недоволно термички обработени морски плодови. Инфекциите во Европа остануваат релативно ретки, но затоплувањето може да го зголеми ризикот.

Подолгите топли сезони влијаат и врз комарците и крлежите. Според ЕЦДЦ, потоплите и влажни периоди им овозможуваат на инвазивните комарци да опстојуваат во нови подрачја, додека поблагите пролетни и есенски температури ја продолжуваат активноста на крлежите.

Извештајот бележи и придобивки од позелените градови, но предупредува дека темпото на приспособување сè уште заостанува зад растечките здравствени ризици.

За следење на условите во крајбрежните води, ЕЦДЦ во јули ја унапреди алатката „Вибрио вјуер“. Таа користи податоци за температурата и соленоста на морето и прикажува дневни процени и петдневна прогноза за условите погодни за размножување на бактериите.

Рацин.мк ве прашува:

Кога очекувате комплетно завршување и пуштање во употреба на автопатиштата?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Кога очекувате комплетно завршување и пуштање во употреба на автопатиштата?