Сара Бернар (1844-1923) била силна и комплексна личност, најпозната глумица на својата доба, а нејзиното име продолжило да биде синоним за гламур и драма дури и за оние кои никогаш не ги гледале нејзините филмови и фотографии. Понекогаш нарекувана мајка на сите диви, Сара Бернар била позната по екстравагантниот, блескав стил, речиси исто како и по глумечкиот талент.
Сепак, била многу повеќе од глумица. Била сликарка, скулпторка и писателка, како и способна деловна жена која водела сопствени театри и продуцирала претстави во кои глумела. Го скандализирала и развеселувала Париз и светот носејќи панталони, играјќи улоги на мажи во некои претстави, како и со бројни впечатливи љубовни афери, од кои некои биле со жени. Родена како Хенриета Бернар во Париз, на 22 октомври 1844 година, била вонбрачна ќерка на мајка еврејска Холанѓанка и татко – француски католик. Нејзиниот татко останал доволно долго со неа и ја пратил на школување во женски манастир, каде во 1857 година била крстена. Иако била христијанка, останала поврзана со еврејските корени преку многуте улоги што ги играла, преку јавни истапувања против антисемитизмот како и постојаните коментари на критичарите за големината на нејзиниот нос.
Кога имала тринаесет години била примена во Парискиот конзерваториум и веќе во 1866 година настапувала во театарот Одеон, по што во 1872 година ѝ бил доделен ангажман во ComédieFrançaise. Нејзините претходни дела не биле добро прифатени, но кога нејзиниот треперлив глас и длабоката емотивна глума ја допреле фантазијата на публиката, нејзината слава почнала да расте. Во 1880 година почнала турнеја во Европа и САД, пренесувајќи го допирот на својот незауздан континентален стил во американски водвиљ. Енормниот квантитет на нејзиниот багаж станал легендарен, како нејзините екстравагантни костими, на сцената и надвор од неа. Обожавателите и обожавателките го сакале нејзиното ексцентрично однесување, а приказните за мртовечкиот ковчег во кој дремела пред претставите во чудна машка облека која ја носела додека сликала, се ширеле брзо.
Во 1893 година почнала да управува со својот прв театар, Théâtre de la Renaissance (Театарот на ренесансата) кој го трансформирала во Théâtre Sarah Bernhardt (Театар на Сара Бернар). Таму играла и во стари триумфални претстави, како расиновата Федра, и во нови продукции од кои некои самата ги пишувала – L’aveu (Признание) од 1888 година и Un Coeur d’homme (Срцето на мажот) од 1909 година. Често играла машки улоги, запрепастувајќи ги критичарите кога ставила брада за да го игра Шајлок. Во 1900 година Едмон Ростан напишал главна машка улога специјално за неа во претставата за синот на Наполеон, Легло.
Сара Бернар уживала во шокирањето на публиката. Родила вонбрачен син во 1864 година, а во 1882 година кратко била мажена за грчкиот глумец Жак Дамал, но пред и по бракот имала бројни љубовни афери. Некои од нејзините љубовници биле Виктор Иго и Алберт Едвард, Принцот од Велс. Била подискретна со лезбејските врски, па за нив се знае помалку. Исто така била блиска пријателка со британскиот геј писател Оскар Вајлд околу дваесет години. На нејзино барање ја напишал претставата Саломе во 1892 година.
Сара Бернар го повредила десното колено во 1905 година. Повредата продолжила да ѝ задава проблеми, а во 1915 година ногата ѝ била ампутирана. Продолжила да глуми во инвалидска количка сè до смртта заради откажување на бубрезите во 1923 година.
Превод: Алек Кузмановски
Преземено од Окно.мк, извор: https://portaloinvalidnosti.net/