Даниел Хајндс е добитник на годинешната награда „Мостови на Струга“

Британскиот поет Даниел Хајндс е добитник на годинешната награда „Мостови на Струга“ која се доделува на Струшките вечери на поезијата.

Од СВП велат дека одлуката да му се додели наградата „Мостови на Струга“ на Даниел Хајндс, во конкуренцијата од дузина пристигнати поетски книги на млади автоти, лежи во неговата поезија која претставува специфичен спој на историската длабочина, митолошките одеци и суровата, речиси вајарска прецизност на јазикот. Неговото творештво можеме да го опишеме како „археологија на зборот“, каде секој стих копа низ слоевите на минатото, за да ги изнесе на површината заборавените гласови и предели.

„Среќавањето на митот и сегашноста се срцевината околу која се развива тематиката во неговата поезија, така што како стожерни теми во неговата поезија можеме да ги подвлечеме:

– Историјата и наследството, воочливо, се културолошкиот товар од кој е длабоко фасциниран. Особено е нагласена и впечатлива англосаксонската историја, средновековните легенди и начинот на кој минатото го обликува современиот идентитет. Таквите негови песни создаваат привид дека минатоте не е мртво, туку дека пулсира под површината на современието.

– Природата и пејзажот носат описи кои немаат стерилна, декоративна, улога. Пејзажот кај него е жив, често суров и полн со симболика, тој е жив протагонист кој го обликува човековото искуство.

– Митологијата, како логичен след, но реинтерпретирана и во класичните и во фолклорните мотиви, давајќи им нова, честопати помрачна и поопиплива димензија.

Поетиката на Хајндс се одликува со лингвистичка прецизност и изобилие од архаични, но функционални изрази. Неговиот стил е економичен, а моќен. Секој збор е камен што тежи таму каде што му е местото, избегнувајќи го излишниот сентиментализам. Не помала вредност имаат аудитивните елементи, бидејќи стремејќи се кон архаичен израз, неговите алитерации и внатрешниот ритам создаваат реална слика дека тоа се звуци кои доаѓаат директно од усната поетска традиција. Накратко, неговата поезија не е обично читање, туку набљудување на процесот на создавање свет од кал, крв и стихови.

Даниел Хајндс е млад поет кој успешно го премостува јазот меѓу исконското и современото, создавајќи безвременски стихови кои одекнуваат со авторитет и интелектуална љубопитност. Неговото творештво е задолжително четиво за оние кои ја сакаат поезијата што, во исто време, предизвикува и воодушевува“ се наведува во образложението.

Даниел Хајндс живее во Њукасл, Обединето Кралство. Дипломирал Англиска книжевност со највисоки почести на Универзитетот во Њукасл, каде и магистрирал Англиска книжевност со највисока оценка. Неговата дебитантска збирка поезија Нови, познати фрази била објавена од „Брокен Слип Букс“ (Broken Sleep Books) во март, 2025 година.

Зачлени се на нашиот е-билтен