Јованов: За гордост е кога 4 деца од 2 милиони Македонци, се на исто рамниште со 4 деца од 2 милијарди Кинези

Стана некако вообичаено во последниве години нашите млади претставници на меѓународните натпреварувања по информатика, речиси секогаш да се враќаат со постигнат успех. Или со високо освоено место, но многу често и за освоени медали на големите меѓународни натпревари по информатика.

За да разбереме зошто е тоа така, дојдовме на ФИНКИ за да разговараме со професор Миле Јованов, кој воедно е и претседател на Здружението на информатичарите на Македонија, кое пак практично најнепосредно се занимаа со тоа да ги подготви и да ги испрати учениците на големите меѓународни натпревари по информатика.

На листата на Интернационалната олимпијада по информатика (ИОИ), на која прецизно се бележи статистиката за учеството на секоја земја членка на ИОИ, со двете сребра од Боливија оваа година, Македонија е на 22-то место на ранг листата на земји по бројот на вкупно освоени медали од 1996 година навака, откако нашате земја редовно учествува на ИОИ.

Но, она што е податок којшто заслужува внимание е дека Северна Македонија во топ пет држави по број на медали per capita. Односно на еден милион жители, со освоените 16,4 медали на ИОИ, нашата земја е на петтото место во светот после Литванија и Хрватска, со 30, односно 28 медали, и Бугарија (20,5) и Словачка со 20 медали.

Северна Македонија е пред Романија, Полска, Јужна Кореја по број на медали пер капита, дури и пред Кина и Виетнам кои имаат најголем број медали, но многу помалку според бројот на жители.

Сето ова говори дека нашата земја треба многу повеќе да им посвети на младите кои се определуваат за информатика и да најде начин да ги задржи во земјата.

Со Миле Јованов разговараше Зоран Бојаровски

Рацин.мк: Господине Јованов, благодарам за прифатената покана да учествувате во ова интервју кое на порталот Рацин ние го нарекуваме „Имавме неколку прашања за вас”. Дали успесите на нашите ученици, главно се работи за средношколци, но и од сновното образование, се должи на некаква стратегија која се подготвува во здружението или на некое друго место? Вие ќе ни кажете најдобро.

Јованов: Прво, благодарам што дојдовте. Секогаш сте добредојдени кај нас и надевам дека добро се чувствувате тука на ФИНКИ. ФИНКИ мене ми е прв дом како професор тука, а и втор дом на Здружението на информатичари на Македонија и на сите талентирани ученици.

Генерално натпреварите ги одржуваме тука затоа што инфраструктурата е добра и го дозволува тоа. Знаете дека нашите натпревари побаруваат секој ученик да има компјутер, да има мрежа интернет и така натаму, да се поврзани компјутерите, пристап до сервер и затоа ја користиме оваа инфраструктура којашто ја нуди факултетот.

Да, доста сум горд на резултатите кои што ги постигнуваме. Тоа е резултат на повеќе децениски труд којшто, којшто е вложен. Веќе триесетина години учествуваме на Светската олимпијада по информатика.

Во далечната, некаде 2008 година, се нафатив да раководам со организирањето на натпреварите по информатика на домашниот циклус, за да може после тоа да пробаме да имаме конкурентни ученици што ќе бидат на меѓунатродните натпревари.

Од 2009 година станав и претседател на Здружението на информатичари на Македонија и веќе во 2010 година го имавме првиот медал, после една деценија од немање воопшто медали. И оттогаш навака, практично секоја година, скоро секоја година, имаме еден, два, три, а една година или две. Сме имале и по четири медали од четворица натпреварувачи што биле на самата Олимпијада.

Тоа се навистина, навистина добри резултати и сакам да ве прашам што е тоа што го правите за да ги подготвите учениците? Која е стратегијата што ја имате испланирано за да постигнуваат ваков резултат?

Многу фактори се во игра и долги години сме размислувале, сме гледале, сме пробувале и некако мислам дека веќе го имаме, го имаме усовршено занаетот во однос на овие прашања.

Кога почнавме со натпреварите, некаде 2006, седма, осма година, имавме интерес од околу триесет-четириесет ученици. Малку имаше интерес за натпреварите по информатика.

Во тоа време, првиот фокус ми беше да го популаризираме натпреварот меѓу добрите ученици, меѓу талентираните, насекаде низ Македонија. И се потрудивме тоа да го направиме со помош на колегите од математика. Математиката, бидејќи предметот е од право одделение, го имаше потенцијалот си многу подобра инфраструктура, со многу повеќе натпреварувачи.

Па преку нив делевме флаери да се запознаат учениците и со можноста да учествуваат на натпреварите информатика. За неколку години стигнавме до бројка од четиристотини, петстотини, шестстотини ученици заинтересирани. Значи за десет пати повеќе за две години или три, постигнавме, што ни направи друг проблем.

Немавме компјутери за да може да ги спроведеме натпреварите. Тоа беше некаде 2008, 2009, 2010 година. Едната работа беше да пробаме да допреме до скоро сите, до сите не можеме секогаш, ама до скоро сите талентирани ученици за да можат да ги совладаат овие тешки работи. Втората работа, кога веќе ќе допреме до нив, беше како да ги привлечеме да учествуваат.

Се трудиме со коректно транспарентно организирање на натпреварите секоја година. Имаме среќа што натпреварите информатика ги оценува компјутер. Имаме резултати на крајот од натпреварот за десетина двата минути и учениците знаат дека нема човечки фактор и точно знаат дека го имаат објективниот резултат што го направиле.

Да, може да се случи за еден, два знаци во кодот да изгубат поени за цела задача. Меѓутоа, такви се светските правила и се помирени со тоа. Ама знаат дека за сите важат истите правила.

Тоа е второто нешто. Потоа преку циклус на натпревари, имаме училишно, па регионално, па државно ниво. Тие се тие кои што се, да речеме, востановени од страна на државата.

После тоа ние дополнително продолжуваме со натпревари. Најдобрите дваесетина ученици ги викаме натаму на таканаречена Македонска олимпијада по информатика. Да продолжат да работат, да им дадеме многу потешки задачи, некои коишто наликуваат на задачите на Светската олимпијада по информатика и да ги одбереме тука пак најдобрите десетина.

Па после тоа со нив продолжуваме да работиме, организираме кампови, организираме онлајн настава, ги викаме во Скопје, одиме некаде. Секогаш се трудам да обезбедиме средства, за да отидеме на некој камп, некаде на некоја локација во Македонија, во некој хотел, неколку дена. Да се дружат со постари натпреварувачи да им пренесат знаења. Ние како професори да им пренесеме некое знаење, они меѓусебно да си пренесат знаења, да се запознаат и да бидат во колаборација заедно да работат.

Освен медал на спортските олимпијади е врвот и најчесто крај на кариеарата. Медалот на информатичката е почеток.

Практично овие ова се активности кои се во делот на здружението, надвор од она што се вообичаена натпревари што ги организира Министерството за образование.

Не, сите ги организираме ние, само што регионалните и државните натпревари се според акредитација од Министерство за образование и за тие натпревари има и во законот прописи и некакви награди за најдобриот и така натаму.

А ова другото е дополнително, екстра напор, за да можеме да ги исфилтрираме најдобрите.

Од тоа филтрирање ги добивате најдобрите кандидати кои потоа со право можете да ги однесете на најголемите меѓународни, регионални или светски натпревари каде што се очекува од нив успех. Рековте за многу брзо време стигнавте до бројка од шестотини млади со интерес да се вклучат во натпреварите. Дали тоа се должи на популарноста на информатиката од една страна или на личните интереси и посебната желба кај нив за развивање на информатиката во нивните капацитети?

Ако зборуваме за најдобрите деца, за тие што одат на врвните натпревари, тоа се врвни таленти. За да се освои медал на Светска олимпијада мора да има страшен талент, страшен талент и многу, многу работа. На ниво на државата, да, една од работите е и интересот кон информатиката.

Второ е што како здружение, и јас како претседател на здружението, се обидов и успеавме, да воведеме информатика на повеќе нивоа во образованието, затоа што се убедувавме одамна со министри и со други значајни фактори во државата дека, дека информатичко размислување, инженерско размислување, компјутешенал тинкинг како што се нарекува, треба да се развива од мали години, од седум години, од осум, од девет години, и успеавме да ставиме предмети и во основно и во средно и полесно. Сепак кога се има допир со таа наука, полесно да развиеме интерес кај повеќе ученици.

Тоа е главното. И затоа беше проблем пред пет, шест, седум години, кога им текна нова концепција, па го направија предметот Техничко образование и информатика. Значи споија тукуречи неспојливи работи. Она што ние го што го имавме ставено во образованите програми уште од пред 2014 година во трето, четврто и петто одделение како програма, Европската Унија како препораки за земјите членки го донесе седум, осум години подоцна, кога кај нас им текна да го укинат затоа што немало кој да го држи предметот или немало средства или ресурси или не знам што.

Се трудиме, пробуваме, делумно успеваме или ќе успееме, па некогаш ќе не вратат малку назад. Но, мислам дека тоа е тоа е, тоа е главното за интересот.

Една од работите во стратегијата на Европската Унија и во препораките што се до земјите, се оние за воведување на компјутешенал тинкинг и други слични дигитални вештини во образованието. Пишува вака: Добро е да има предмет којшто ќе се нарекува информатика или компјутер сајенс за да не само да бидат изложени на содржините децата, туку да бидат заинтересирани и за темата за предметот, за да се свесни дека тоа е нешто што после тоа може да го да го изучуваат во иднина, а ни требаат такви капацитети бидејќи секогаш има дефицит на информатичари.

Медалот на информатичка олимпијада ги отвора вратите на најдобрите универзитет во светот.

Овие натпревари, вашето искуство, учеството на Олимпијади и Балканијади и така натаму, веројатно помага да направите споредба некоја каква е ситуацијата кај нас, каква е во другите земји. Вие се соочувате таму со држави како што е Кина, на пример. Каква каква е споредбата во однос на другите земји?

Ако зборуваме во однос на резултатите, можам да се пофалам. Македонија е многу мала земја. Ние од 1,8 милиони вкупно жители ние треба да одбереме четири ученици за да учествуваат на Олимпијадата. Во Кина од две милијарди или 1,8 милијарди, треба да изберат пак четири ученици. И сега кога избираш од толку и кога избираш од многу помалку и кога резултатите се барем мерливо споредливи, тогаш мора да бидеш задоволен. Ако се споредуваме со најголемата земја во светот.

Меѓутоа, ако се споредуваме со земји со големина колку Македонија, два пати колку Македонија или два пати пола од Македонија, ние сме стварно некаде во врвот од тие земји.

Годинава со нашиот резултат на светската олимпијада, на ранг листата на Олимпијадата, ние сме  дваесет второ место, од сите скоро деведесет земји коишто учествуваа на Олимпијада.

Тоа е во однос на она што го постигнуваме како резултат. Ама ова е пак споредба на врвниот резултат. Јас секогаш викам дека на државата не е само овој успех важен. Тие два медала што ќе ги освоиме, што ја промовира Македонија дека е сè уште добра дестинација со таленти, со некакво образование кое што може да ги донесе децата до тој медал и така натаму.

Поважниот момент, според мене е промоцијата на самата наука и интересот на повеќе деца коишто повеќе деца ќе се мотивираат за да дојдат на натпреварите. Автоматски повеќе деца ќе се заинтересираат за самата област. Мислам дека тоа е нешто што нашата дејност има место во општеството и придонесува за развојот на државата.

Имам уште едно или две прашања кои се однесуваат на придобивките за самите деца кои учествуваат на овие натпревари. Се разбира, главната придобивка е дека тие имаат знаење, создале капацитет, со ваша помош, стигнале до ниво да се натпреваруваат со нивните врсници од светот на ниво и плус да победат. Што за нив тоа дополнително може да донесе?

Ние знаеме со колегите од другите земји да дискутираме и да се шегуваме која е разликата меѓу нашата олимпијада, како научна олимпијада, и спортската олимпијада.

На спортската олимпијада освојувањето медал е врвот. Тоа е тоа, врв на кариерата на спортистот генерално и после тоа завршува приказната. За нашите деца почнува тука приказната. Медалот е некаква гаранција за многу висок квалитет и на тие деца им се отвораат врати практично и да бираат на кој универзитет на кој факултет во светот би се запишале.

На многу ќе бидат примени без проблем, а на голем дел од нив ќе бидат примени и со полна стипендија.

Македонија е топ дестинација со таленти по информатика.

Значи со медалот прикачен на апликацијата ги отвора вратите за…

Така, тоа е. Тоа е на некој начин е придобивката и предизвикот за нашите ученици, особено затоа што сепак кај нас школството е евтино.

На пример, на ФИНКИ за двеста евра се студира годишно, а на американските универзитет тоа е педесет, шеснаесет, осумдесет илјади долари годишно и тие се некои непоимливи суми за македонско просечно семејство да можат самите да си ги дозволат да ги платат.

Тоа е начин како да добиеш квалитетно образование и да избереш факултет кај што ќе се запишеш и каде што ти се отворени вратите.

Уште едно прашање. Правите навистина многу. Факултетот, здружението особено за овие деца, за нивните подготовки како одскочна даска за нивната кариера понатаму. Дали сте размислувале за тоа што да направиме со сите тие капацитети на овие деца за државата, за Македонија? Дали постои некоја таква опција да се направи некаков хаб, некаква македонска силиконска долина?

Сме размислувале, сме дискутирале. За жал, тоа, едноставно, не зависи од мене.Ние можеме да предлагаме, да пробаме. Некако кај нас работите, на државно ниво ако зборуваме, одат тргни и застани, два чекори напред, еден назад или во полоша варијанта еден напред, два назад и така натаму, а треба да се размислува.

Ако зборуваме за некаква државна стратегија, овие прашања треба да бидат државна иницијатива, да влезат во стратегијата на државата. секој министер, секој премиер треба да размислува пет, десет, дваесет години нанапред. Тие деца сега што се запишуваат во прво одделение, кога ќе завршат за кои работни места ќе им требаат. Така треба да се гледа натаму. Ако не сме форсирале да имаме повеќе информатичари пред десеттина петнаесет години, сега ќе имавме многу помалку странски девизен прилив од нивната работа.

Работат во Македонија, ги плаќаат од странство, остануваат парите во Македонија. Значи можат да се направат работи. Меѓутоа кај нас, еве ќе го посочам примерот со стипендиите дражавата веќе десеттина години или повеќе им ги дава на талентираните ученици.

Не можам да зборувам со факти, меѓутоа анегдотално, од луѓе што сум слушнал или што сум зборувал  некои коишто ги имале стипендиите тоа беше добар механизам. Кога ќе заврши студентот, кога ќе дипломира и ќе се вработи на добра позиција од добар универзитет, се вработува во странство, да ги враќа парите. Ми се чини дека ретко кој или дали воопшто некој ги вратил парите. А ако ги враќаат парите, ќе има за следните и така. Тоа е една грешка во добрата идеја којашто почнала, со којашто се тргнало. Многумина се враќаат во Македонија и треба да си стават на располагање на државата да ги ангажира. И колку што јас знам не се ангажирани од државата во државни институции. Може да се ангажирани како советници, во тимови за изградење на стратегии, во тимови за поддршка. Да влезат во информатичките тимови на владата. Сето тоа е пример како ги даваме парите, ама не ги береме плодовите.

Значи може да се направат и се имаат направено некои работи, ама треба да сме доследни и да ги истераме до крај.

Зачлени се на нашиот е-билтен