Повреденото дете во Ченто е стабилно, но сè уште критично

Повреденото дете во Ченто, деветтоодделенецот кој вчера беше прободен со нож во основното училиште „22 Ноември“ во Скопје, е стабилизирано, но и натаму е во критична здравствена состојба и под постојан лекарски надзор, соопштија од Ургентниот центар. Во третманот се вклучени хирурзи од повеќе оддели, а лекарските екипи продолжуваат со интензивна грижа за подобрување на неговата состојба.

Случајот предизвика силна вознемиреност во јавноста, особено затоа што нападот се случил во училишна средина, место кое треба да биде најбезбедниот простор за децата.

Од Основното јавно обвинителство информирале дека јавен обвинител од Одделението за малолетници во Скопје постапува согласно Законот за правда за децата. Повеќе детали за постапката не се соопштени, имајќи предвид дека станува збор за малолетно лице и чувствителен случај.

Од Општина Гази Баба велат дека се во комуникација со училиштето и дека се вршат надзори. Во најкраток рок најавуваат седница на која треба да присуствуваат министерката за образование и директорите на општинските училишта, со цел да се утврдат заклучоци за превенција на вакви случаи.

Министерката за образование Весна Јаневска денеска изјави дека, покрај лиценцирањето на училишните психолози, се разгледува и можност за воведување казна за родител чиe дете е сторител на насилство во училиште, преку измени во Законот за основно образование.

Овој инцидент повторно го отвори прашањето за безбедноста во училиштата, улогата на стручните служби и способноста на системот навреме да препознае ризик пред насилството да прерасне во трагичен настан.

Најчитано

[wpp wpp_start='
    ' range='last24hours" limit=5 stats_views=0 ]