Научниците на НАСА регистрираа дека северниот поларен вител на Марс, во месеците на целосна поларна темнина, станува хемиски „инкубатор“ за озон: температурите внатре се за околу 40°C пониски од околната атмосфера, водената пареа замрзнува врз ледената капа, а без сончева светлина и водородни радикали што инаку го разградуваат, озонот се акумулира до изненадувачки нивоа. Наодите беа претставени на заедничкиот конгрес EPSC–DPS 2025 во Хелсинки.
Тимот комбинирал набљудувања од инструментот Atmospheric Chemistry Suite на европската сонда ExoMars Trace Gas Orbiter со температурни профили од Mars Climate Sounder на американската Mars Reconnaissance Orbiter. Падовите на температурата служеле како „потпис“ дека зракот навлегува внатре во вителот и дека спектроскопските мерења навистина ја „фатиле“ зоната каде што озонот се гради без вообичаените деструктивни реакции.
„Озонот е мошне важен индикатор — кажува колку брзо тече хемијата во атмосферата. Разбирајќи ја неговата количина и варијации, подобро ја читаме еволуцијата на марсовската атмосфера, па и можноста дека некогаш имал заштитен озонски слој сличен на земјиниот,“ вели водечкиот истражувач д-р Кевин Оулсен од Оксфорд. Вакво сценарио би ја зголемило веројатноста дека во далечното минато условите на површината биле поповолни за појава на живот.
Поларниот вител на Марс се формира сезонски поради наклонот на оската од 25,2 степени и трае од крајот на северното лето до пролет. Како и на Земјата, понекогаш станува нестабилен и делумно „се крши“, што им овозможува на орбиталните инструменти редок поглед внатре во неговата студена „цитадела“ — токму тогаш се бележи и озонскиот вишок.
Европската мисија „Розалинд Франклин“, чиј старт е планиран за 2028, ќе бара траги од поранешен живот на површината. Доколку Марс навистина имал сезонски или епизоден озонски слој во минатото, тоа ќе биде значајна алка во реконструкцијата на неговата климатска и хемиска историја — и објаснување како дел од органските молекули можеле да опстанат во амбиент со инаку жестоко УВ-зрачење.