Хрватските инспекциски служби повторно забранија увоз на зеленчук од Албанија, откако во пратка од осум тони црвени лути пиперки било откриено присуство на три забранети земјоделски препарати, пренесе „Топ чанел“.
Пиперките, произведени во регионот Дивјак, содржеле пестициди опасни по здравјето на луѓето, а целата количина ќе биде уништена на територија на Хрватска.
Ова е уште еден во низата случаи со албански земјоделски производи. На почетокот на септември, хрватските власти уништија четири тони домати од Берат, прскани со хлорфенапир во концентрација петпати повисока од дозволената.
Претходно, Хрватска и Босна и Херцеговина уништија повеќе од десет тони праски од Дивјак, во кои било најдено високо ниво на никел – опасен тежок метал. Слични пратки беа вратени и од словенечката граница.
И покрај ваквите случаи, овошјето и зеленчукот од Албанија редовно стигнуваат на пазарите во регионот, особено во пограничните области, каде граѓаните најчесто ги купуваат директно од албанските земјоделци.