Брисел ја објави сликата од пазарот на трудот за 2024 – и таа е импресивна на прв поглед: вработеноста во ЕУ достигна историски максимум од 75,8%. Никогаш повеќе Европејци не работеле. И сепак, кога ќе се погледне картата по региони, еуфоријата спласнува: успехот не е рамномерно распределен и континентот сè уште е 2,2 процентни поени под целта од 78% до 2030 година.

На север и во центарот на Европа, бројките изгледаат како часовник. Чешка и Шведска – сите нивни региони го минуваат прагот. Холандија со дванаесет од дванаесет; Данска, Ирска, Германија (35 од 38) и Словачка (3 од 4) ја држат линијата високо. На оваа мапа се издвојуваат и Естонија, Кипар и Малта, каде државното ниво ја достигнува или надминува целта. Вкупно, речиси половина од ЕУ-регионите (113 од 243) веќе се таму каде што целта нè сака во 2030.
Има и „клуб на 85%“ – редок, но показателен. Аландските Острови во Финска (86,4%), Варшава (86,2%), Братислава (85,4%), Будимпешта (85,3%), Утрехт (85,3%) и Прашкиот округ (85,1%) го живеат сценариото во кое економијата влече напред, а пазарот на труд брзо апсорбира работна сила. Тоа се главни градски или силно поврзани урбани јадра со густ сообраќај на инвестиции, знаење и услужни дејности.
Но картата има и свои „ладни точки“. Во јужна Шпанија и Италија, голем дел од Грција, поединечни области во Романија и најоддалечените територии на Франција, вработеноста останува ниска. Често се работи за рурални, ретко населени или периферни региони, каде патиштата до работните места се подолги, а индустриските јадра – далечни. Втората категорија заостанати области ја сочинуваат поранешни индустриски седишта што не успеале навреме да се приспособат на новата економија.
Бројките тука се отрезнувачки: околу четвртина од регионите (65 од 243) во 2024 имале под 73,5% вработеност. На дното се Калабрија (48,5%), Кампања (49,4%) и Сицилија (50,7%) – три јужни италијански региони каде структурните слабости траат со децении. Во „жолтата зона“ се и дел од Брисел (64,1%), Лацио (69%), Виена (70,6%) и Атика (71%) – големи метрополи што, и покрај силните услуги, се соочуваат со специфични пазарни сегменти, демографија и миграции што ја спуштаат стапката.
Приказната, всушност, е двојна. Европа како целина напредува побрзо од очекуваното, но истовремено се распарчува на успешни јадра и заостанати појаси. За да се стигне целта од 78%, не е доволно да се слават рекордите: потребни се насочени политики – подобра поврзаност на периферијата, преквалификации за поранешните индустриски центри, стимули за женска и младинска вработеност, и паметни мерки за активирање на долготрјајно невработените.
Европа работи – тоа е јасно. Но прашањето до 2030 е друго: дали сите региони ќе работат заедно? Само така рекордот ќе стане рамномерна нормала, а не статистика што блеска на север и избледува на југ.