„Благица“ под надзор – нова надеж за македонскиот рис

Македонското еколошко друштво (МЕД) објави охрабрувачка вест за заштитата на дивиот свет – пред десетина дена успешно е фатена и обележана рисица на планината Баба Сач. Акцијата е реализирана во соработка со Здружението на ловци „Елен“ од Кичево, а по повод празникот Благовец, животното го добило името Благица. Станува збор за здрава женка, стара околу 4 до 5 години, со тежина од околу 17 килограми.

Во акцијата учествувал и стручен тим од Ветеринарниот факултет во Скопје, кој извршил детални здравствени прегледи. Биле земени примероци за анализа, направени се проверки за паразити и други потенцијални ризици, при што е утврдено дека рисицата е во одлична кондиција.

По поставувањето на GPS-околувратник, Благица веќе активно се следи. Првичните податоци покажуваат дека се движи во поширокото подрачје на Баба Сач и Илинска-Плакенска Планина. Ова е особено значајно, бидејќи станува збор за региони каде досега не е применета радиотелеметрија за следење на рисот, што отвора нови перспективи за научни истражувања и подобро разбирање на навиките на овој редок вид.

Во меѓувреме, ловџиите од „Елен“ пронашле и прв плен – срна, што е важен сигнал дека Благица успешно се прилагодува и нормално функционира во својата природна средина.

Експертите потенцираат дека следниот клучен момент ќе биде утврдувањето дали рисицата ќе има младенчиња. Тоа би било значаен чекор за закрепнување на популацијата, бидејќи токму женките играат клучна улога во опстанокот и обновата на оваа загрозена животинска врста во Македонија.

Зачлени се на нашиот е-билтен