Земјата со најмногу соларни панели во Европа предупредува – мрежата пука по шавовите

Холандија, која до неодамна важеше за пример во зелената транзиција, денес се соочува со парадокс: има премногу чиста енергија, но премалку силна електромрежа што може да ја издржи.

Во владината кампања „Преклопете го прекинувачот“, што се емитува на националните телевизии, холандската влада ги повикува граѓаните да ја намалат потрошувачката на електрична енергија во вечерните часови. Пораката е јасна – ако сите истовремено користат струја, мрежата може да се преоптовари и да дојде до дефекти.

Овие предупредувања би биле очекувани во земји кои мака мачат со снабдување со енергија, но не и во една од најразвиените економии во светот. Холандија со години важи за пионер во обновливите извори: има најголем број станици за полнење електрични возила по глава на жител во Европа, а повеќе од една третина од домаќинствата веќе користат соларни панели.

Но токму таа зелена револуција сега се враќа како бумеранг. Електричната мрежа едноставно не може да издржи толку голем прилив на енергија што доаѓа од илјадници ветерни турбини и соларни системи ширум земјата.

„Загушувањето на мрежата е како сообраќаен метеж – премногу автомобили на премалку патишта,“ објаснува Кес-Јан Рамеу, извршен директор на енергетската компанија Eneco. „Мрежата е дизајнирана во време на големи електрани на гас, а денес енергијата пристигнува од стотици мали извори – од периферијата на системот.“

Резултатот? Прекин на струја, листи на чекање и блокиран развој. Илјадници компании и домаќинства чекаат приклучок на мрежата, додека други не можат да го зголемат својот капацитет. Дури и изградбата на нови станбени населби станува проблем – едноставно нема место во мрежата за нови корисници.

Државната агенција Tennet, која управува со мрежата, признава дека 8.000 компании чекаат дозвола да почнат да испорачуваат енергија, а уште 12.000 да добијат одобрение за зголемена потрошувачка.

Професорот по електротехника Демиен Ернст од Универзитетот во Лиеж предупредува дека решението ќе бара години: „Холандија има мрежна криза затоа што не вложуваше доволно во дистрибутивните и преносните системи. Ќе бидат потребни десетици милијарди евра и многу време за тоа да се надмине.“

И навистина, плановите се огромни – Tennet планира до 2050 година да инвестира околу 200 милијарди евра во зајакнување на мрежата, вклучувајќи поставување 100.000 километри нови кабли.

Дотогаш, решението се привремени мерки: исклучување на дел од соларните и ветерните централи кога производството ќе ја надмине побарувачката и наградување на потрошувачите кои прифаќаат привремено ограничување на струјата во замена за пониски сметки.

Холандија така стана симбол на новиот европски парадокс – премногу зелена енергија, а премалку капацитет за нејзино складирање. Еколошкиот успех се претвори во енергетски предизвик.

Зачлени се на нашиот е-билтен