Австралија ги забрани социјалните мрежи за млади – кое е „европското решение“

Грција

Откако Австралија во декември го забрани користењето на социјалните мрежи за лица помлади од 16 години, европските земји сега расправаат за сопствени ограничувања, додека Брисел разгледува „европско решение“. Иако земјите ширум светот сè повеќе ја ограничуваат употребата на социјалните мрежи кај најмладите, нивната употреба и понатаму останува висока кај младите возрасни.

Во 19 од 27 земји на Европска Унија, повеќе од 90% од младите на возраст од 16 до 29 години изјавиле дека користат социјални мрежи во 2025 година, според најновите податоци на Еуростат.

Најголем удел е забележан на Кипар, во Чешка, Данска и Финска, додека најниски вредности се регистрирани во Италија, Германија и Луксембург.

По одлуката на Австралија, европските земји сега разгледуваат воведување сопствени ограничувања. На пример, пратениците во Франција неодамна гласаа за забрана на пристап до социјални мрежи за лица помлади од 15 години, а претседателот Емануел Макрон се надева дека мерката би можела да стапи во сила до септември.

Словенија и Португалија исто така изработија нацрт-закони кои би забраниле пристап до социјалните мрежи за деца помлади од 15, односно 16 години.

Во Португалија, ограничувањата би се однесувале на платформи како Инстаграм, Фејсбук и ТикТок, но не и на апликации како Ватсап, која многу родители ја користат за комуникација со своите деца.

Покрај тоа, најмалку осум други земји членки се наоѓаат во различни фази на воведување забрана за социјалните мрежи за деца, додека владејачката партија во Германија исто така усвои предлог за блокирање пристап за лица помлади од 14 години.

Наспроти тоа, Естонија е единствената земја во ЕУ која отворено се спротивставува на ваква мерка. Според Талин, овој пристап „не ги решава проблемите“, бидејќи „децата многу брзо ќе најдат начини да ги заобиколат забраните и да продолжат да ги користат социјалните мрежи“, изјави естонската министерка за образование Кристина Калас.

„Европско решение“

Иако целосна забрана на социјалните мрежи за деца на ниво на ЕУ засега не е во план, Европска Унија презема чекори за унапредување на безбедноста на интернет.

Претседателката на Европска комисија, Урсула фон дер Лајен, на 15 април најави дека наскоро ќе биде достапна европска апликација за проверка на возраста на граѓаните.

„Мора да ги заштитиме нашите деца во онлајн светот, како што тоа го правиме и во реалниот живот. За тоа ни е потребен усогласен европски пристап“, изјави таа.

Апликацијата, која ќе биде компатибилна и со мобилни уреди и со компјутери, ќе бара од корисниците да прикачат пасош или лична карта за анонимно да ја потврдат својата возраст при пристап до онлајн платформи.

Системот се базира на „доказ без откривање податоци“ (zero-knowledge proof), што значи дека корисниците ќе можат да ја потврдат својата возраст без да споделуваат лични податоци со платформите.

Во моментов, Франција, Данска, Грција, Италија, Шпанија, Кипар и Ирска веќе работат на развојот на оваа апликација и планираат да ја интегрираат во своите национални дигитални идентитети, како што е системот France Identité во Франција.

Зачлени се на нашиот е-билтен