Ако Wi-Fi конекцијата ви е побавна од вообичаено, причината можеби не е во провајдерот, туку во уредите што се наоѓаат блиску до рутерот. Техничките експерти предупредуваат дека положбата на рутерот може значително да влијае на стабилноста на интернетот, особено при гледање филмови, играње игри или работа од дома.
Според стручњаците од Audio Technica, држењето на уреди како Bluetooth звучници или други Bluetooth апарати премногу блиску до рутерот може да предизвика интерференција, бидејќи Wi-Fi и Bluetooth сигналите работат на слични радио-фреквенции. Кога повеќе уреди „се борат“ за истиот простор на сигналот, може да се создаде своевидна „сообраќајна гужва“, што ја забавува интернет конекцијата.
За да го подобрите перформансот на интернетот и Bluetooth конекцијата, експертите советуваат да го поставите рутерот на централно и отворено место во домот, подалеку од кујната и дебели ѕидови кои го блокираат сигналот. Исто така, микробрановите печки можат да предизвикаат сметување на Wi-Fi сигналот, па треба да се избегнува нивна близина со рутерот.
Со овие едноставни прилагодувања, пред да размислувате за промена на провајдер или скап пакет, ќе можете да обезбедите побрз и постабилен интернет дома.